Zylfije Adem Jakupi
24 Април 2023•Ажурирај: 25 Април 2023
ПРИШТИНА (АА) – Косовскиот премиер Албин Курти оцени дека вонредните локални избори во четирите општини на северот на Косово поминале мирно и без инциденти, но во атмосфера на заплашување и уцени, што влијаело на малата излезност, пренесува Анадолу.
Курти се заблагодари на Централната изборна комисија за организацијата, на Косовската полиција за одржувањето на безбедноста и на граѓаните за поддршката.
„Атмосферата беше атмосфера на заплашување и уцени, поради што излезноста на граѓаните на изборите беше мала. Бојкотот е наметнат со заканувачка кампања на официјален Белград и неговите криминални орудија на теренот на северот. Им благодарам на граѓаните за храброста и смиреноста“, напиша Курти на Фејсбук.
Премиерот им честита на претседателите и советниците кои беа избрани вчера.
„Треба да работат посветено и да служат без разлика. Владата ќе ги поддржи и ќе им помогне. Институционалниот систем и јавните служби ќе можат повеќе и подобро да функционираат за доброто на граѓаните и нивните права“, наведе Курти.
Граѓаните на вонредните избори што се одржаа вчера бираа градоначалници на Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, како и советници за собранијата на општините Звечан и Лепосавиќ.
Според прелиминарните резултати на Централната изборна комисија, кандидатите на Движењето „Самоопределување“ победиле во општините Северна Митровица и Лепосавиќ, додака кандидатите на Демократската партија на Косово победиле во Звечан и Зубин Поток.
Од околу 45.000 запишани гласачи во сите четири општини на северот на Косово, правото на глас го искористиле 1.557 гласачи или 3,47 отсто.
Припадниците на српската заедница го бојкотираа гласањето на повик на Српската листа, која не се пријави за учество на овие избори.
Единствен кандидат од српската заедница беше Слаѓана Пантовиќ, како независен кандидат за градоначалничка на Звечан. Таа доби пет гласа.
Вонредните избори беа распишани по излегувањето на сите претставници на Српската листа, на почетокот на ноември минатата година, од косовските институции на северот на Косово. Тогаш Србите ја напуштија косовската полиција и судството.