Vesna Besic
14 Септември 2020•Ажурирај: 15 Септември 2020
БЕЛГРАД (АА) - Кризниот штаб за борба против Ковид-19 во Србија донесе одлука дека сите граѓани на Србија што престојуваат надвор од земјата, би требало да се вратат во земјата до петок во 18 часот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Заменик-директорот на Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ-Батут“, Дарија Кисиќ-Тепавчевиќ, апелираше до сите граѓани до крајот на оваа недела да се вратат во земјата, бидејќи потоа ќе има поразличен режим за сите што влегуваат во Србија.
Таа потсети дека новата препорака до сите водечки здравствени организации е 10 дена карантин по враќање од земја во која е неповолна епидемиолошката ситуација.
Кризниот штаб за борба против епидемијата ќе разгледа денес дали да се воведе 10-дневна задолжителна самоизолација на граѓаните што се враќаат од одмор од Црна Гора и Хрватска.
„Благиот пораст на новозаразените е последица на враќање на граѓаните од одмор во Црна Гора и Хрватска. На седницата на Кризниот штаб, што е закажана за понеделник, ќе се разгледа воведувањето на 10-дневна задолжителна самоизолација по враќањето на нашите граѓани од овие земји. Уште еднаш апелираме до сите што се враќаат во земјата да бидат солидарни и на намалување на движењето во првите седум дена по враќањето, да ги сведат контактите на минимум или веднаш да се тестираат“, се наведува од Министерството за здравство на Србија.