Zylfije Adem Jakupi
27 Февруари 2020•Ажурирај: 27 Февруари 2020
ПРИШТИНА (АА) - Во Приштина се одржа тркалезна маса во организација на невладината „Актив“, при што е претставена анализата „Проценка на правата и слободите на српската заедница на Косово“, јавува Агенција Анадолија (АА).
На тркалезната маса е претставена анализата која ја направи невладината организација „Актив“, со поддршка на меѓународниот центар „Олоф Палме“. Извршниот директор на оваа невладина организација, Миодраг Миличевиќ, истакна дека целта на направената анализа е да се даде преглед на прашањата и проблемите со кои се соочува заедницата на Србите во Косово, а со цел свртување на вниманието на локалните политички актери во Косово, како и на членовите на меѓународната заедница.
Претставувајќи ја анализата, еден од авторите, Игор Марковиќ, рече дека според истражувањето на јавното мислење, половина од испитаниците, односно 50 отсто, тврдат дека моменталната политичка нестабилност е извор и закана за нивната лична безбедност.
Констатираше дека јазичните права, слободата на движење, пристапот до документите и физичката безбедност се само некои од проблемите со кои се соочуваат косовските Срби. Тој рече дека главен проблем е што законите воопшто не се почитуваат и дека тоа создава проблем за Србите. Издвои некои од проблемите како што се јазичните права, правата на повратниците и безбедносните проблеми.

Претседателот на Прогресивно-демократската партија и поранешен косовски министер и пратеник, Ненад Рашиќ, рече дека нема политичка волја да се применат постигнатите договори во Брисел или договорите помеѓу Албанците и Србите во Косово. Според неговото мислење, тоа ѝ одговара и на едната и на другата страна за да имаат покритие за некои наредни договори.
Политикологот Неџмедин Спахиу оцени дека претставената анализа е вредна бидејќи укажува на проблемите кои ја загрижуваат српската заедница, а проблемите на помалубројните заедници се проблеми и на мнозинската заедница. Спахиу истакна дека косовските институции не направиле многу во однос на интеграцијата на српската заедница, но дека ниту Србите поради притисокот од Белград не ја сакале таа интеграција.
„Има недостиг на подготвеност за подобрување на животот на српската заедница во Косово,а тоа има свои причини, но ние не трба да се согласиме со тој факт и треба да се бориме да ја смениме таа состојба. И самата српска заедница треба да направи напори во тој правец и секако, косовското општество треба да го смени тој пристап“, рече Спахиу.
Препораките од анализата „Проценки на правата и слободите на косовските Срби“ се упатени на претставниците на меѓународната заедница, Владата на Косово и на српските претставници во косовските институции.