Zylfije Adem Jakupi
20 Мај 2020•Ажурирај: 20 Мај 2020
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Стопанската комора на Косово, Берат Рукиќи, изјави дека се очекува сите бизниси да започнат со работа на 1 јуни, по повеќе од два месеци, поради мерките воведени за спречување на ширењето на епидемијата на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (AA).
Рукиќи на прес-конференцијата изјави дека поминале 67 дена од почетокот на примената на мерките за ограничување, но дека голем дел од бизнисите започнале со работа на 4 мај, со почетокот на првата фаза на мерките за ублажување. Тој додаде дека 95 проценти од активните бизниси во земјата се очекува да се вратат со редовна работа на 1 јуни
Рукиќи наведе дека итно е потребно да се формира пакет за опоравување на економијата од страна на Владата. Говорејќи за загубите предизвикани од пандемијата на коронавирусот во различни економски сектори, Рукиќи рече дека само во секторот угостителство имало загуби од над 30 милиони евра. Тој истакна дека главниот предизвик со кој се соочуваат компаниите по економската криза е нивната ликвидност.
Што се однесува до интеграцијата во глобалниот ланец на снабдување, Рукиќи рече дека пакетот мерки треба да има акцент на тоа, затоа што се гледа дека дошло до промена во синџирите на снабдување ширум светот и потребен е премин од Кина и азиските земји на европските земји или на поблиски производни компании.
„Ова може да биде одлична можност за нашите компании и за регионалните синџири на снабдување и за глобалните синџири на снабдување“, нагласи Рукиќи.
Исто така, на оваа конференција е споменато дека надвор од Пакетот за обнова на економијата потребно е да се утврдат дел од фискалните даночни мерки и нефинансиските мерки со кои се овозможуваат даночни олеснувања до три години за нови инвестиции, нула отсто ДДВ на производни инпути купени од локалните производители, нула отсто ДДВ на новите транспортни средства, стимулации за купувања во рамките на земјата и други мерки за фискални олеснувања.