Zülfiya Yakup
31 Октомври 2017•Ажурирај: 01 Ноември 2017
ПРИШТИНА (АА) - Министерството за надворешни работи на Косово соопшти дека досега нема примено никаков официјален документ во врска со извештаите дека, наводно, Република Суринам го повлекла признавањето на Република Косово, како што тврди шефот на дипломатијата на Србија, Ивица Дачиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на српската дипломатија Дачиќ денеска изјави дека министерот за надворешни работи на Суринам го известил дека оваа државата ја повлекува одлуката за признавање на Косово.
Министерството за надворешни работи на Косово под такви околности се води само според добриот дух на пријателските односи меѓу Република Косово и Република Суринам и вербалната нота за официјално признавање на оваа држава, од 8 јули 2016 година, преку коешто Владата на Суринам ја призна Република Косово како независна и суверена земја, се наведува во соопштението на МНР на Косово.
„Министерството за надворешни работи на Република Косово е свесно за исклучителниот интерес, силните напори и малигните цели на соседната држава Србија во смисла на минимизирање на меѓународниот легитимитет на Република Косово. Сепак, Министерството за надворешни работи на Косово зборува со јазикот на факти и на реалната состојба“, се додава во соопштението.
Понатаму, во соопштението се наведува дека според јазикот на фактите и на реалната состојба, Косово е независна и суверена држава, со легитимност заверена од страна на Меѓународниот суд на правдата, кој од тој суд го побара самата Србија. Во соопштението се вели дека Република Косово е признаена од 114 земји на сите континенти, со воспоставени дипломатски односи со 88 земји, членка на повеќе од 60 регионални, европски и меѓународни организации, со речиси 40 отворени дипломатски мисии и конзуларни пошти и има акредитирани нерезидентни амбасадори во околу 60 земји низ целиот свет.
Во соопштението се истакнува дека Косово сега е факторизирано и го зајакнало својот меѓународен легитимитет, додавајќи дека на тоа не би требало да се гледа како препрека ниту за Србија.
„Косово во речиси десетгодишното постоење како независна и суверена земја докажа дека придонесува за регионалниот мир и безбедноста и остана посветено да работи во изградбата на добрите односи со сите свои соседи, вклучувајќи ја и Србија“, се заклучува во соопштението.