Figen Shaban
31 Октомври 2017•Ажурирај: 31 Октомври 2017
ПРИШТИНА (АА) - Известувачот во заминување на Европскиот парламент (ЕП) за Косово, Улрике Луначек, по завршувањето на својата последна посета како известувач за Косово, одржа прес-конференција заедно со новиот известувач, Игор Шолтес, јавува Anadolu Agency (AA).
Луначек, која го започна својот мандат како известувач на ЕП една година по прогласувањето независност на Косово, во текот на прес-конференцијата истакна дека во текот на осумгодишниот мандат како известувач за Косово, имало напредок во повеќе области во Косово, и додаде дека сѐ уште има простор за напредок.
Осврнувајќи се на дијалогот меѓу Косово и Србија, со посредство на ЕУ, Луначек вели дека имплементацијата на Договрот за правда е добар напредок. Таа истакна дека Србија треба да го признае Косово за да се зачлени во ЕУ.
Луначек нагласи дека имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација започната минатата година, има големо значање за граѓаните на земјата. Таа додаде дека за граѓаните на Косово кои бараат вработување, образование и здравство, Спогодбата за стабилизација и асоцијација може да им понуди амбиент и перспектива за развој на споменатите области.
Исто така, Луначек истакна дека жали поради фактот што во текот на овие години како известувач не е реализирано признавањето на Косово од страна на пет земји-членки на ЕУ, и додаде дека ова би ја олеснило работата на двете страни, за Косово и за ЕУ.
Што се однесува до прашањето за визната либерализација за граѓаните на Косово, Луначек нагласи дека усвојувањето на Договорот за демаркација на границата е услов за да се случи либерализацијата, и упати апел до пратениците во косовскиот Парламент да направат чекор напред и да ја ратификуваат демаркацијата со Црна Гора.
Луначек пренесе дека е свесна оти граѓаните на Косово се чувствуваат фрустрирани и изолирани поради тоа што немаат право на слободно движење во ЕУ, и нагласи дека сега „топката ја има косовскиот Парламент“, покрај фактот што новиот премиер назначил нова комисија за демаркација.
Таа се осврна на ситуацијата во ЕУ и рече дека има пораст на бројот на бегалците од конфликтните региони во земјите од ЕУ, и оти „ова е вистински и клучен момент за Косово, кој треба да се искористи, бидејќи вратата може да се затвори“.
„Ги повикувам проевропските сили во Парламентот и барам од мнозинството пратеници во косовскиот Парламент да постигнат две третини од гласовите бидејќи времето поминува“, рече Луначек.
Таа нагласи дека признавањето на Косово од страна на Србија не е јасно дефинирано во дијалогот меѓу двете земји, со посредство од страна на ЕУ.
Новиот извесувач на ЕП за Косово, Игор Шолтес, рече дека во минатото бил челник на Судот на ревизори на Словенија. Тој истакна дека со започнување со работата за Косово ќе овозможи транспарентност на трошењето на јавните пари за еден колку што е можно поправеден систем на јавно финансирање.
„Ние, како ЕУ, сме задолжени да контролираме каде се трошат јавните пари, особено парите испратени од страна на ЕУ во Косово, и ова е нешто добро и за институциите на Косово, за да го надгледуваме и да го развиваме ревизорскиот систем на Косово“, изјави Шолтес.
Тој, исто така, нагласи дека младите во Косово треба да останат во својата земја, но треба да имаат добри услови за вработување, и додаде дека внимателно ќе работи со групите на интерес за младите во Косово да бидат што поблиску до развојот и ЕУ.
Шолтес на крајот додаде дека местото на Косово е во рамките на земјите-членки на ЕУ.