Agim Sulaj
08 Јануари 2023•Ажурирај: 09 Јануари 2023
Bо косовската Општина Штрпце се одржа протест со учество на околу 2.000 локални српски граѓани од подрачјето и од други општини во Косово како реакција по ранувањето на две лица од српската заедница во петокот во оваа општина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Протестот, што се одржа пред Домот на културата во општината со мнозинство Срби, беше најавен од страна на градоначалникот на Општина Штрпце, Далибор Јевтиќ, кој е и потпретседател на најголемата српска партија на Косово, Српска листа, чии функционери во ноември поднесоа оставки од косовските институции.
На овој протест беа упатени различни пораки како „Ние сакаме само мир“, „Штрпце е Србија“, „Вучиќ, заштити го мирот и Србите“, „Стоп за насилството врз Србите“.
Претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, изјави дека Србите во моментов минуваат низ тежок период во Косово, бидејќи, како што рече тој, на чело на институциите е Албин Курти, чија политика, според него, е Србите да се иселат од земјата.
Но, Ракиќ нагласи дека Србите не треба да се откажуваат.
„Нашата борба со мировни и демократски средства и нашата хармонија се нашето најсилно оружје да се спротивставиме на диктаторскиот антисрпски режим на Албин Курти. Верувајте, ако бидеме обединети, сигурно ќе победиме. За нас нема решение, мораме да останеме и да опстанеме како што нашите предци останале во многу потешки услови и опстојувале на овие простори“, истакна Ракиќ.
Градоначалникот на Општина Штрпце, Далибор Јевтиќ, нагласи дека денеска сите се на протестот и испраќаат порака дека Србите нема да се предадат и нема да се плашат. Според него, протестите испраќаат пораки за мир.
„Дојдоа тешки денови, денес на вториот ден на Божиќ, наместо да го славиме овој празник со традиција на православието, моравме да го кренеме гласот со протест против пукањето на нашите млади момчиња, зошто, само затоа што се Срби, само затоа што донеле бадник“, рече Јевтиќ.
Косовската полиција на 6 јануари соопшти дека две лица, 11-годишник и 21-годишник, биле повредени со огнено оружје во едно село во Општина Штрпце.
Според Основното обвинителство во Урошевац, осомничениот за овој случај застрелал две жртви додека бил во возило во движење на патот од Штрпце кон Урошевац.
Во врска со случајот, полицијата го идентификувала, а потоа го привела осомничениот со иницијали А.К. на возраст од 33 години, со косовско државјанство.
Министерот за одбрана на Косово, Арменд Мехај, истакна дека во случајот што се случи во Штрпце е вмешан припадник на Косовските безбедносни сили, и дека за расчистување на случајот се вклучени органите за безбедност и правосудство.
Инцидентот во Штрпце го осудија претседателката на Косово, Вјоса Османи, премиерот Албин Курти и други меѓународни претставници.