Zülfiya Yakup
22 Април 2017•Ажурирај: 22 Април 2017
ГЊИЛАНЕ (АА) - Заменик-министерот за надворешни работи на Турција, Ахмет Јилдиз, учествуваше во активностите организирани во Гњилане, во источно Косово, по повод 23 април - Националниот празник на Турците на Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдиз, кој вчера ја започна тридневната посета на Косово, присуствуваше на претставата која ја подготвија учениците кои посетуваат настава на турски јазик од основните училишта во Гњилане и селото Добурчане, која по повод Ден на Турците на Косово, беше изведена во Театарот во Гњилане.
Покрај него присуствуваа и министерот за јавна администрација на Косово Махир Јагџичар, заменик-министерот за здравство на Косово, Кадир Хусеин, амбасадорката на Турција во Приштина, Кивилџим Килич, претседателот на општина Гњилане, Љутфи Хазири и бројни други гости.
Заменик-шефот на турската дипломатија, Јилдиз на отворањето на програмата истакна дека Турција е заедно со Косово и во добри и во лоши времиња.
„Денес гледаме дека во оваа пријателска земја, нашите сонародници ги прославуваат нивните уставни права, зачувување на својот јазик и култура. Овој факт не радува и нас", рече тој.
Во исто време, градоначалникот Хазири се осврна на историските односи меѓу градот Гњилане со Турција. Турската амбасадорка Килич зборуваше за важноста на 23 април, кој во Турција се прославува како ден на детето.
„Турција е првата и единствена земја во светот, што го подари празникот на своите деца и овој празник го подели со целиот свет. Поради тоа ние сме многу горди и среќни", рече амбасадорката. По поздравниот говор, присутните имаа можност да уживаат во народните игри, театарски скечеви, поезија, песни и музика од страна на учениците.
После приредбата, заменик-министерот за надворешни работи на Турција учествуваше на панелот насловен „Турската младина и општествениот живот".
Одговарајќи на прашањата на младите, тој истакна дека косовската младина е дел од Европа и изрази надеж дека сите ќе живеат под Европскиот покрив. Јилдиз имаше одвоени состаноци во Приштина со премиерот Иса Мустафа, министер за надворешни работи, Енвер Хоџај, и министерот за јавна администрација Махир Јагџилар.
Денеска и утре, тој ќе присуствува на активностите организирани по повод Ден на Турците во Косово во Призрен и во општината Мамуша, каде што живее мнозинството на турско население.