Admir Fazlagic
04 Септември 2019•Ажурирај: 05 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија денеска се одржа конститутивната седница на Советот за безбедност, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Учесниците на состанокот констатираа дека состојбата во земјата и во регионот е стабилна и засега нема индиции дека би биле загрозени границите или пак интегритетот и суверенитетот на Северна Македонија. Сите надлежни институции во континуитет ги следат ситуациите коишто потенцијално би можеле да прераснат во посериозен проблем, како што е мигрантската криза", се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот Пендаровски.
На седницата присуствуваа постојаните членови на Советот: претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, претседателот на Собранието, Талат Џафери, министрите за одбрана, Радмила Шекеринска, за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за надворешни работи Никола Димитров. Исто така присуствуваа и членовите на Советот, назначени од страна на претседателот Пендаровски: професорите Ненад Марковиќ, Ветон Љатифи и Трајан Гоцевски.
На покана на Претседателот на денешната седница на Советот за безбедност присуствуваа и директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски и заменик началникот на Генералштабот, генерал - мајор Азим Нуредин.
„Темата на денешната седница беше безбедносната состојба внатре во нашата земја, Република Северна Македонија и во регионот. Така што моја задача беше да ги поканам сите оние кои мораат да бидат информирани за тоа што се случува на тој план, без разлика кој е на власт а кој во опозиција“, изјави претседателот Пендаровски.
„Република Северна Македонија е на чекор до полноправно членство во НАТО и до добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ. Работите за влезот во НАТО се движат во добра насока и со добро темпо, но треба внимателно да се следи состојбата", рече претседателот Пендаровски.
Претседателот Пендаровски се осврна и на случувањата во регионот, при што посочи дека од влијателни меѓународни фактори пристигнуваат информации за можно заживување на дијалогот Белград-Приштина што може да влијае на состојбите на Западен Балкан.
„Република Северна Македонија граничи со двете држави и затоа, нагласи Претседателот, треба да бидеме подготвени за сите варијанти кои евентуално може да се случат во рамките на преговорите. Тоа, подразбира ние да ја објаснуваме нашата позиција и кое решение би било најпозитивно за нас како држава", стои во соопштението.
За време на седницата на Советот за безбедност, заменикот на Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал – мајор Азим Нуредин ја истакна посветеноста и придонесот на Армијата во мировните операции предводени од НАТО, како што се „Одлучна поддршка“ во Авганистан, мировната операција на Обединетите Нации „УНИФИЛ“ во Либан, како и мисијата „Алтеа“ во Босна и Херцеговина.
Директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, информираше дека агенцијата во континуитет ги идентификува безбедносните закани и потенцијалните ризици за националната безбедност и за истите постојано го информира државниот врв и останатите органи и тела во земјата.
На седницата Виктор Димовски, директор на Агенцијата за национална безбедност ги запозна членовите на Советот за безбеност со реформите коишто се спроведуваат во безбедносните и разузнавачките структури, како и со првите активности на новоформираната Агенција.
На седницата е договорено Советот за безбедност да се состанува на секои два до три месеци, бидејќи е неопходна редовна размена на мислења за безбедносната состојба.