Husamedin Gina
22 Февруари 2019•Ажурирај: 23 Февруари 2019
СКОПЈЕ (АА) – Во собраниската Комисија за мандатно-имунитетни прашања во тек е расправата за одземање на имунитетот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, којшто претседаваше со седницата која резултираше со немилите настани на 27 април 2017 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Трајко Вељаноски, кој е осомничен како еден од организаторите на случувањата во Собранието, пред членовите на Комисијата рече дека ни на крај памет не му паднало дека такво нешто, како на 27 април, може да се случи во Собранието.
„Ова ви го кажувам најискрено, јас сум бил 10 години претседател на Собранието, ни на крај памет не би ми паднало и не ми паѓа да направам некое дејствие кое е спротивно на Деловникот, на законот и спротивно на собраниските процедури, посебно за колегите пратеници“, рече Трајко Вељаноски.
Пратениците на опозицијата што зедоа збор на Комисијата обвинија дека се прави пресметка со политичките противници, и нарачки за одземање имунитети, а притворот се претвора во казна наместо мерка за претпазливост.
На денешната седница на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања во Собранието, пратеникот на Нова социјалдемократска партија (НСДП), Горан Мисовски, реплицирајќи му на Вељаноски, рече дека го почитува неговиот став да дојде и да даде одредено образложение пред Комисијата.
„Јас, Трајко сум убеден дека Никола Груевски, сите ве пушти низ вода, вклучително и тебе. Што се случувало, каква комуникација вие сте имале, за што сте разговарале, дали сте организирале или не сте организирале, апсолутно ние не можеме да знаеме“, рече Мисовски, потсетувајќи го Вељаноски дека е единствениот претседател на Собрание кој е осуден во Стразбур за исфрлањето на новинарите од Собранието на 24 декември 2012 година.
Според Деловникот, Комисијата е должна да го разгледа барањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Собранието.
По добиениот извештај од Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена треба да одлучува на пленарна седница. Одлуката за одземање на имунитетот се носи со просто мнозинство од вкупниот број на пратеници.
Актуелниот пратенички состав досега по барањето на судот донесе одлуки за одземање на имунитетот на пратениците Никола Груевски, Љупчо Димовски, Крсто Муковски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски.
Поранешниот претседател на Собранието и актуелен пратеник, Трајко Вељаноски, заедно со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски завчера беа приведени на распит по наредба на Јавното обвинителство под сомнение за вмешаност во настаните од 27 април 2017 година.
Вењаноски се повика на пратеничкиот имунитет, додека на поранешните министри Јанакиески и Ристовски им беше одреден 30-дневен притвор.