Ahmet Nurduhan
19 Октомври 2022•Ажурирај: 20 Октомври 2022
САРАЕВО (АА) - На шехидските гробишта „Ковачи“ во Сараево се одржа комеморативна церемонија по повод 19. годишнина од смртта на Алија Изетбеговиќ, првиот претседател на независна Босна и Херцеговина, јавува Агенција Анадолија (АА).
На комеморацијата присуствуваа голем број луѓе, меѓу кои и претседавачот со Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ, претседателот на Партијата на демократска акција (СДА), Бакир Изетбетовиќ, како и амбасадори на повеќе земји.
Џаферовиќ имаше свое обраќање на церемонијата, во кое рече дека нема да се заборави тоа што Изетбговиќ го има направено за независноста на Босна и Херцеговина.

Toj нагласи дека лично го познавал Изетбеговиќ и дека бил еден од неговите млади колеги.
„Имав можност секој ден да разговарам со него и одблизу да го набљудувам неговиот став и неговото однесување кон луѓето. Алија Изетбеговиќ беше претседател, мислител, писател, хуманист и правник“, рече тој.
„Алија, покрај тоа што беше политичар, беше и добар државник. На Алија Изетбеговиќ се сеќаваме како државник, а не како политичар. Политичарите мислат на тоа да дојдат на чело на Владата, додека државниците мислат и на судбината на државата и народот. Политичарите мислат на идните избори, а државниците мислат на идните генерации“, додаде Џаферовиќ.
Од друга страна, Бакир Изетбеговиќ нагласи дека неговиот татко сѐ уште е жив како мислител и лидер во животите на луѓето, и дека неговите книги сѐ уште се читаат.

Вечерва по овој повод ќе се организира комеморативна програма и во Националниот театар во Сараево.
- Изетбеговиќ почина на 19 октомври 2003 година -
Алија Изетбеговиќ е роден на 8 август 1925 година во Босански Шамац.
Изетбеговиќ, кој беше еден од основачите на организацијата „Млади муслимани“, беше уапсен во 1946 година и во 1983 година поради борбата која ја водеше за својот народ.
Во 1990 година со група истомисленици ја формира Партијата за демократска акција (СДА) и беше лидер на својот народ за време на војната од 1992 до 1995 година.
Во 1995 година го потпиша Дејтонскиот договор, со што на својот народ му остави држава признаена на меѓународната сцена.
Одлуката за повлекување од Претседателството на БиХ поради болест ја соопшти во 2000 година. Почина на 19 октомври 2003 година.