ЛЕЗБОС (АА) - Фуркан Наџи Топ-
Луѓето кои бегајќи од војната и од сиромаштијата дојдоа до кампот Мориа, на грчкиот остров Лезбос, не можеа ни да претпостават какви лоши услови за живот ги чекаат, јавува Anadolu Agency (AA).
Стотици бегалци и мигранти, меѓу кои поголемиот дел се жени и деца, и покрај ниските температури, и понатаму спијат во шатори предвидени за летниот период, а во нив нема ни греење.
Освен што живеат во лоши санитарни услови, се грижат и за својата безбедност, но и за безбедноста на најблиските.
- Недоволен број лекари
Шериф Ал Хасун (65) од Деир ез-Зор во Сирија, во шаторот живее со единаесет внучиња, а најголема грижа ѝ претставува нивното здравје.
„Припадниците на режимот бомбардираа и сѐ уништија. Го изгубив сопругот. Сѐ изгубив“, изјави Ал Хасун.
Тешко живеат во кампот, а кога врне и температурите се ниски, проблемите се уште поголеми.
„Во минијатурниот шатор живееме седум души. Ладно е. Шаторот прокиснува. Ситуацијата е лоша“, додаде таа.
Ал Хасун се пожали и на лошите здравствени услови и неможноста да се дојде до лекар.
„Имам внук од три месеци кој е болен. Плаче во текот на ноќта, но тука нема лекар кој би ни помогнал“, додаде таа.
Таа изјави дека условите во кампот се особено нехигиенски, нема бања ниту топла вода.
„Тешко е да се најде и пивка вода. Се покајавме што дојдовме тука“, додаде Ал Хасун.
- Жителите на кампот не се чувствуваат безбедно -
Мина Хасани (41), чиј сопруг беше киднапиран во Најаф, Ирак, е самохрана мајка на четири деца.
Хасани изјави дека безбедноста надвор од кампот е многу лоша.
„Во текот на ноќта, често доаѓа до караници. Не се чувствуваме безбедно. Загрижена сум за децата“, изјави Хасани.
- Капење во морето
Хасан Алулу со потекло од Рака, Сирија, изјави дека имаат само две прекривки и оти им е тешко да се згреат.
„Многу е студено и палиме оган за да се згрееме. Електрична енергија имаме само вечерта, од 17 часот до три часот во ноќта“, изјави Алули, кој исто така се пожали на немањето притап до медицинска грижа.
Портпаролот на Високиот комесаријат на ОН за бегалците (УНХЦР), Борис Чеширков, изјави дека во кампот чиј капацитет е 2.000 лица, сместени се 6.000 лица.
„Ситуацијата во Морија е на критично ниво. Пренатрупаноста, лошата безбедност и студеното време дополнително ги отежнаа условите на животот во кампот“, изјави Чеширков за АА.
Тој ги повика грчките власти да ги префрлат на полуостровот бегалците што се незаштитени и кои веќе подолго време се на островот .
„Овој месец префрливме околу илјада лица. Но 1.460 дојдоа на островот. Настојуваме да овозможиме сместување во хотели за лицата кои се во најтешка ситуација“, додаде Чеширков.
- Реакции на меѓународните организации
Лошите услови во камповите на грчките острови предизвикаа реакции на многу меѓународни организации, меѓу кои и УНХЦР.
Според официјалните податоци на грчките институции, на островите во земјата, особено на Лезбос, Чиос и Самос се наоѓаат околу 16.000 бегалци. Од нив, околу 8.000 се наоѓаат на грчкиот остров Лезбос.
Бегалците кои поднесуваат барање за азил неретко чекаат и по неколку месеци повратна информација. За тоа време, на островот доаѓаат нови бегалци, предизвикувајќи пренатрупаност во камповите.
Во согласност со договорот за реадмисија на бегалците од Грција во Турција се вратени 1.449 мигранти, од кои 220 се со потекло од Сирија.
Околу 2.000 бегалци кои дојдоа на грчките острови доброволно се вратија во матичната земја.
Откако со Турција минатата година беше постигнат договор за реадмисија на мигрантите, бројот на мигранти што доаѓаат во Грција е намален за 97 отсто.