Балкан

Институтот „Јунус Емре“ организираше дигитална комеморативна програма во чест на писателот Фахри Каја

„Неговиот живот, неговата борба што ја водеше за турскиот јазик, за нашата култура, би требало да бидат пример за следните генерации, особено за младите луѓе“

Seyyid Emin  | 01.04.2020 - Обновена : 02.04.2020
Институтот „Јунус Емре“ организираше дигитална комеморативна програма во чест на писателот Фахри Каја Фото: Seyyid Emin/АА

СКОПЈЕ (АА) - Институтот „Јунус Емре“ организираше дигитална комеморативна програма во чест на починатиот поет, писател, уметник и државник Фахри Каја, кој остави голем број дела за одржувањето на турската култура на Балканот, јавува Агенција Анадолија (АА).

На дигиталната комеморативна програма во чест на писателот Фахри Каја, кој на 23 март на 90-годишна возраст почина во Истанбул, учество зедоа претседателот на Големото народно собрание на Турција, Мустафа Шентоп, заменик-министерот за култура и туризам на Турција, Серда Чам, заменик-претседателот на Собранието на Косово и пратеник Фикрим Дамка, претседателот на Институтот „Јунус Емре“, проф. д-р Шереф Атеш, амбасадорот на Република Турција во Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок, претседателот на Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), Хусрев Емин, раководители на институции, претседатели и претставници на невладини организации, наставници, ученици, претставници на турски институции и организации, писатели, поети и академици од Северна Македонија и од Косово.

По интонирањето на националните химни на Турција и Северна Македонија, комеморативната програма продолжи со рецитал на стихови од Куранот.

Претседателот на турското Собрание, Шентоп, во своето обраќање му се заблагодари на Институтот „Јунус Емре“ што успеа да реализира една ваква програма која не знае за граници под овие околности, и истакна:

„Првенствено испраќам искрени поздрави од Турција до нашите браќа во Северна Македонија и до сите деца на нашата голема цивилизација. Од Анкара ве поздравувам во свое име и во име на цела Турција. Знам дека постојано забележувате, чувствувате дека заедно со вас чукаат срцата на 83 милиони граѓани во Турција.“

Шентоп истакна дека за првпат во историјата на човештвото, една епидемија како што е епидемијата на новиот тип коронавирус се распространила со таква брзина, и со желби за здравје и благосостојба упати повик до Северна Македонија, Турција и до целиот свет да се однесуваат во согласност со преземените мерки.

Потенцирајќи дека смртта на Фахри Каја претставува голема загуба за турската култура, турскиот јазик и турската нација во Северна Македонија, претседателот на турскиот Парламент, Шентоп, рече: „Му посакувам милост од Господ. Сметам дека неговиот живот, неговата борба што ја водеше за турскиот јазик, за нашата култура, би требало да бидат пример за следните генерации, особено за младите луѓе.“

Потсетувајќи дека покојниот Фахри Каја и неговиот татко под тешки услови работеле како наставници, Шентоп зборуваше за животот на Фахри Каја: „Тој претставува големец кој својот живот му го посвети на создавање дела кои се применети не само во учебниците за основните училишта на Турците во Северна Македонија, туку и на Турците што живеат во Косово. Подоцна се обиде, влегувајќи во политиката, своите активности во јавниот живот и во културните активности да ги понесе на поинакво ниво.“

„Неговата смрт претставува голема загуба за турската култура и за нашите браќа што живеат во Северна Македонија. Уште еднаш барам Божја милост. Мислам дека во комеморацијата учествуваат неговит син и неговите најблиски. Оттука упатувам сочувство до семејството и до нашите браќа што живеат во Северна Македонија“, рече Шентоп.

Тој во своето обраќање рече дека на комеморацијата, покрај тоа што учествува како претседател на турскиот Парламент, во исто време учествува и како дете на едно смејство кое од Гевгелија во минатото емигрирало во Турција, и продолжи со зборовите „Од тој аспект, нашата поврзаност со Северна Македонија треба да биде сфатена пошироко од културната и цивилизациската мрежа, да биде видена како поврзаност на еден човек чиј предок живеел на овие простори. Затоа би сакал да кажам дека и од тој аспект учествувам во оваа програма.“

Заменик-министерот за култура и туризам на Турција, Чам, истакна дека со голема возбуда зел учество на комеморацијата на која има толку големо присуство. „Би сакал да истакнам дека навистина претставува голем успех да се соберат толку многу луѓе, во период кога светот се соочува со големи тешкотии и болки, и во тие рамки би можел да кажам дека заедно со овие активности и оваа средба, и во Турција и на Балканот и во целиот свет, всушност започнаа средби на нов тип заедништво.“

И покрај фактот дека поради пандемијата на Ковид-19 на погребот на Фахри Каја не беше дозволено присуство на голем број лица, Чам истакна дека всушност со големото учество на денешната комеморација спроведена е погребната молитва, и додаде: „Посакувам сите да вложиме напори да им бидеме достојни ним, и наследството што го оставија зад нив на најдобар начин да им го предадеме на следните генерации. Со светлината што ја зедовме од него, со неговиот придонес.“

Изразувајќи ја својата љубов, почит и симпатии кон балканските народи, Чам рече дека нивните души и онака се многу сродни, испреплетени, а сега се на растојание колку што е екранот.

- „Фахри Каја претставува извор за надеж на оние кои се загрижени за својот опстанок“ -

Претседателот на Институтот „Јунус Емре“, проф. д-р Шефер Атеш, истакна дека одржувањето на една ваква програма под вакви околности е значајна, особено од аспект како уште еден показател за отпорот на турската нација, и додаде: „Затоа што една од нашите основни човечки должности што е во основата на турската култура е негување на човекот, а по неговата смрт, одржување средба во чест на неговата душа и сеќавање на него. Затоа денеска, благодарение на ваков медиум, се собравме под овие услови со претставници од Балканот, а особено со оние од турскиот свет во спомен и сеќавање на починатиот Фахри Каја.“

Атеш истакна дека е многу значајно низ целиот свет да продолжи раскажувањето од аспект на турската култура, турскиот човек, и погледот кон луѓето и посочи: „Кон балканските Турци треба да пристапиме како на фактор кој има многу голема важност од аспект на турската припадност. Затоа треба да земеме поука, проучувајќи ги настаните и случувањата од историјата, бидејќи не станува збор за последователни раскажувања, туку на тој начин ќе можеме да ги разбереме причините за тие настани. Затоа, во оваа пригода, ние, како турска нација, повторно ги поддржуваме сите активности што ќе се направат на овие простори во име на човечноста и во корист на човештвото.“

Амбасадорот на Република Турција во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, спомена неколку точки од животот на Фахри Каја од политички аспект, велејќи: „Фахри Каја е еден лидер на убедување кој произлезе од Турците во Северна Македонија. Тоа е човек кој се борел на овие простори за опстојувањето на турскиот идентитет, нашата националност. Тој е симбол на Турците од Румелија, на Турците од Северна Македонија. Кога Северна Македонија се соочуваше со многу тешки периоди, тој во турската заедница ја всади решеноста за опстанок. Тој беше и извор на надеж за оние кои беа загрижени за својот опстанок.“

Амбасадорот Секизќок, потсетувајќи дека Фахри Каја вложил големи напори за опстанокот на турската припадност, напорно работел на зајакнување на свеста кај луѓето и за себеси рекол дека им е посветен на Турците кои остануваат да живеат на овие простори и решен е да ја зачува, одржи и развие турската култура во Северна Македонија.

„Во оваа пригода како амбасадор на Република Турција би сакал да потсетам на важноста на задачата која покојникот си ја поставил како важна одговорност пред Турците во Северна Македонија. Ефектите од работата на Фахри Каја продолжуваат и денес. Верувам дека тие ќе продолжат и во иднина. Фахри Каја е човек кој со гордост ја претставуваше националната истрајност не само на Турците од Северна Македонија, не само на Турците од Румелија, туку многу пошироко. Тој зазеде исклучително место во историјата на Турците во Румелија.“

Претседателот на МАТУСИТЕБ, Хусрев Емин, истакна дека Фахри Каја претставува камен одредница од аспект на балканската турска литература, и посочи: „Загубивме голем човек. Навистина, тој, благодарение на своите трудови, особено на полето на литературата и културата, и онака влезе во историјата во името на Турците од Северна Македонија, Турците од Балканот. Тој навистина претставува камен одредница и пример во борбата за опстанокот на турската припадност.“

Во продолжение свое обраќање имаа академици и писатели од Северна Македонија и Косово, а програмата заврши со обраќањето на неговиот син Ерен Каја кој ја изрази својата благодарност за целата организација.

Дигиталната комеморативна програма одеше во живо преку фејсбук-страницата на Институтот „Јунус Емре“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.