Stipe Majic
10 Септември 2022•Ажурирај: 12 Септември 2022
ЗАГРЕБ (АА) - Неколку илјади демонстранти се собраа пред седиштето на ХДЗ (Хрватска демократска заедница) под слоганот „Ви даваме отказ“, со цел да порачаат дека бараат оставка од Владата на Хрватска и распишување на избори и фаќање на сите оние кои учествувале во грабежот на државата, известува Агенција Анадолија (АА).
Во организација на иницијативата „Слободни заедно“ на Плоштадот на жртвите од фашизмот се собраа неколку илјади граѓани кои бараат оставка од хрватската Влада поради високиот процент на корупција на државната и јавната управа и неспособноста во управувањето со државата. Еден од клучните поводи за протестот е неодамна откриениот грабеж во ИНА, при што се фатени неколку високопозиционирани менаџери, обвинети за грабеж од околу милијарда куни (133 милиони евра), што е досега незабележана корумпирана афера во Република Хрватска.
„Сметаме дека е време оваа власт да си замине, дека е време да дадат оставка. Нивниот резултат зборува сам за себе. Се наоѓаме во голема финансиска криза која е последица на исклучиво лошо донесени одлуки, не само во последно време, туку во последните неколку години, а ние денес плаќаме висока цена поради тоа. Сметаме дека треба да ставиме крај на тоа, бидејќи за зимата имаме најава за уште поголем недостаток, уште поголеми цени и поголема сиромаштија. Доколку хрватскиот граѓанин е подготвен да го прифати тоа, ќе остане дома“, порача Андрија Клариќ, лидерот на иницијативата „Слободни заедно“.
„Главно барање е оваа Влада и премиерот Пленковиќ да заминат. Второ барање е распишување избори во рок од 90 дена, а трето барање е да се распишат украдените референдуми, бидејќи сметаме дека изборниот закон ѝ овозможи на власта без голема поддршка на народот да ја води земјата“, додаде Клариќ.
На Плоштадот на жртвите од фашизмот се собраа хетерогена група граѓани кои ги поврзува противење кон актуелната хрватска Влада, но можеа да се слушнат најразлични пораки, од оние кои се против вакцинирањето, до оние од припадниците на ХОС (Хрватските одбранбени сили) кои развија бранителски знамиња. На плоштадот се појавија и припадници на левичарските политички партии и движења.
Демонстрантите истакнаа плакати со имиња и слики на неколку министри и слики на премиерот Андреј Пленковиќ со попис на аферите и обвинувањата што во јавноста се поврзани со нив, со пораката „Отказ“.
„Пленковиќ, симни се од тронот, доста ни се полтрони“, „Хрватска е суверена држава, стоп за тоталитаризмот на СЗО“, Да плаќаме во готово, а не со картичка“, „Власта произлегува од народот и му припаѓа на народот“, Повторно ја ограбивте ИНА - Отказ“, Одложување на воведувањето на еврото - ВЕДНАШ“, „Да ги отстраниме домашните окупатори“, се дел од пораките што ги истакнаа учесниците на протестот.