Vesna Besic
16 Март 2022•Ажурирај: 17 Март 2022
САРАЕВО (АА) - Претседателот на Партијата за демократска акција (СДА), Бакир Изетбеговиќ, по средбата со Жозеп Борел, високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, рече дека од Босна и Херцеговина е побарано да ги следи позициите на Европската Унија (ЕУ) за ситуацијата во Украина, јавува Агенција Анадолија (AA).
Претседателите на СДА, СНСД и ХДЗ, Бакир Изетбеговиќ, Милорад Додик и Драган Човиќ, денеска во Сараево остварија средба со Борел, кој престојува во посета на Босна и Херцеговина.
Тие разговараа за измените на Изборниот закон на БиХ, но и за актуелните политички прашања и безбедносната ситуација.
„Господинот Борел имаше многу јасни барања, односно очекувања од Додик, Човиќ и од мене. Од Човиќ и од мене побара да вложиме дополнителни напори за конечно да се решат измените во Изборниот закон, а од Додик побара да изврши деблокада на институциите и да се откаже од ова што се прави во Народното собрание на Република Српска, од стопирање и враќање на реформскиот процес, враќање на надлежностите на ентитетско ниво. И за тоа беше многу упорен. Додик вети дека нема збор за никакво сецесија, за никаква поделба на земјата и дека целосно ќе го почитува Уставот на БиХ онака како што тој го разбира“, изјави Изетбеговиќ.
Како што рече, Борел во повеќе наврати прецизно кажал во врска со Високиот судски и обвинителски совет и Агенцијата за лекови, дека очекува овие работи да се стопираат и да не се оди понатаму со тоа.
„Мислам дека комплетно, она што започна да се прави во Република Српска ќе биде стопирано“, рече Изетбеговиќ.
Говорејќи за изборната реформа, Изетбеговиќ изјави дека се преговара за сѐ, за Претседателството на БиХ, за Домот на народите на БиХ и за она за што тие од СДА најмногу инсистираат - функционалноста на Федерацијата БиХ. Тој се осврна и на измените на Изборниот закон, наведувајќи дека е направен исчекор.
„ХДЗ конечно се согласи да се зборува за тоа дека Домот на народот ќе го штити исклучиво само виталниот национален интерес. А потоа имаше некои свои барања, за кои денеска нема прецизно да зборувам“, изјави Изетбеговиќ.
Истакна дека денешниот состанок почнал со разговори за случувањата во Украина.
„Тој [Борел] побара Босна и Херцеговина да ги следи ставовите на Европската Унија, да бидат единствени. И Додик, исто така, рече дека ќе направиме сѐ за да го зачуваме мирот“, додаде Изетбеговиќ.