Vesna Besic
09 Февруари 2021•Ажурирај: 10 Февруари 2021
САРАЕВО
Уште една жртва од војната е идентификувана на просториите на Подриње во рамките на проектот за идентификација во Тузла, потврди за Агенција Анадолија (АА) Емза Фазлиќ, портпаролката на Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Се работи за жртва од бошњачка националност која во 1995 година исчезна на подрачјето на Сребреница“, изјави Фазлиќ.
Според нејзините зборови, идентитетот на жртвата е најпрво утврден со ДНК-методот, а денес и официјално го потврдиле членовите на семејството.
„Идентификуваниот е Вејсил (Абдулах) Хамзабеговиќ роден во 1939 година во Глоди кај Зворник. Неговите посмртни останки се пронајдени во масовната гробница Пусмулиќи, во 2009 година“, додаде Фазлиќ.
- Геноцидот во Сребреница
Во текот на војната во Босна и Херцеговина, откако српските трупи под командата на Ратко Младиќ на 11 јули 1995 година ја окупираа Сребреница во источна Босна и Херцеговина, цивилите Бошњаци најдоа засолниште кај холандските војници кои беа во БиХ како дел од Обединетите нации (ОН), но подоцна им беа предадени на Србите.
Србите им дозволија на жените и децата да стигнат до регионот контролиран од бошњачката Војска, но убија најмалку 8.372 Бошњаци во шумските предели, во фабриките и магацините. Убиените Бошњаци биле погребани во масовни гробници.
По војната започна потрага за пронаоѓање на жртвите од војната, чии тела беа погребани во масовните гробници. По откривањето на масовните гробници и идентификацијата на жртвите, секоја година на 11 јули на Спомен-гробиштата во Поточари се погребуваат жртвите.