Admir Fazlagic
17 Септември 2018•Ажурирај: 18 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими секретарот за одбрана на Соединетите Американски Држави (САД), Џејмс Норман Матис, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштија од Кабинетот на претседателот Иванов, на средбата беа разменети мислења за тековните политички случувања во Република Македонија, за евроатлантските перспективи на земјата и за билатералната соработка меѓу двете земји во областа на одбраната и безбедноста.
Македонскиот претседател истакна дека пристапувањето во НАТО и ЕУ остануваат стратешки цели и највисоки приоритети на Република Македонија, што ќе придонесе за напредок и просперитет на целиот регион.
Претседателот Иванов потенцираше дека Република Македонија останува стабилен стратешки партнер на САД и дека и натаму ќе се залага за безбедност, слобода и демократски напредок на регионот и активно ќе придонесува во заедничките активности во борбата против тероризмот и останатите закани на глобално ниво.
Претседателот Иванов се заблагодари за поддршката што САД ја даваат на Република Македонија, со цел унапредување на реформите во одбраната и безбедноста, како од аспект на финансиска, така и практична и техничка поддршка преку учество во заеднички обуки, вежби и мисии. Претседателот Иванов изрази задоволство и од соработката со Националната гарда на Вермонт.
„Иако не сме во НАТО, нашата армија е НАТО компатибилна, и за тоа сме благодарни на САД. Тоа е влог во иднината. Мораме да бидеме подготвени за новите закани и новите предизвици“, порача претседателот Иванов на средбата со секретарот за одбрана на САД.
Македонскиот претседател истакна дека Армијата на Република Македонија со својата професионалност и високо рангирана борбена подготвеност е докажан партнер на НАТО и континуирано придонесува во меѓународните мировни мисии на Алијансата.
„Интензивирањето и унапредувањето на севкупните билатерални односи со САД се од долгорочен интерес за Република Македонија“, додаде претседателот Иванов.
„Двајцата соговорници разменија мислења и за предизвиците и очекувањата за иднината на регионот на југоисточна Европа“, се вели во соопштението.
Денес претходно Матис се состана со премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, а по средбата истакна дека претстојниот референдум е најважниот глас во историјата на земјата.