СКОПЈЕ (АА) - Секретарот за одбрана на Соединетите Американски Држави (САД), Џејмс Норман Матис, кој денеска престојува во официјална посета на Република Македонија, по средбата со премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, истакна дека претстојниот референдум е најважниот глас во историјата на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Матис во Скопје, во Владата на Република Македонија денес беше пречекан со високи државни почести од премиерот Зоран Заев, министерката Радмила Шекеринска, како и од владината делегација.
По средбата на американскиот секретар Матис со премиерот Заев, министерката Шекеринска и владината делегација, се одржа заедничка конференција за медиумите.
Матис истакна дека ова е негова прва посета на Македонија како секретар за одбрана на САД, и рече дека му претставува задоволство што може да се состане со премиерот Заев и министерката Шекеринска во, како што рече, еден момент на уникатна можност за земјата.
„Вашата земја само што ја прослави годишнината од вашата независност, кога над 95 отсто од вашите граѓани гласаа да живеат во слобода, како што вели вашата химна. Сега, треба да се искористи демократската можност за да се оди кон една нова иднина. Да ја цитирам канцеларката Меркел: „Како што гласате на референдумот за приклучување кон НАТО, го давате најважниот глас во историјата на Вашата нациија.“ Го препознаваме комплексниот политички избор којшто претстои за вашиот народ. Ве поддржуваме Вас и нашите македонски пријатели во остварувањето на вашата демократска одговорност да гласате. Како што рече генералниот секртар Столтенберг, придружувајќи се во НАТО ќе добиете еднакво место во најуспешната воена Алијанса и Сојуз во историјата, заедно со 29 други земји коишто се обврзуваат да ве штитат вас и вашата безбедност“, рече Матис.
Цитирајќи го генералниот секретар на НАТО, Матис истакна дека членството во НАТО носи зајакната безбедност и зајакнат економски развој.
„Се приклучувате кон една Алијанса која се залага за спроведување на стандардите за територијален интегритет и слобода од присила, против оние кои што се трудат да ги намалат овие вредности од Сирија до Украина“, истакна Матис и додаде:
„Ние сме подготвени да ви посакаме добредојде како 30. членка премиере Заев.“
Матис нагласи дека соработката меѓу двете земји расте и се соочува со модерните предизвици, истакнувајќи го проширувањето на соработката на Македонија и САД во кибер безбедноста, којашто, како што рече, е „закана за нашите две демократии.“
Односите во одбраната помеѓу Македонија и САД ги оцени како силни и истакна дека САД го препознаваат лидерството на земјата, како важна стабилизирачка сила на Балканот и пошироко. Тој истакна дека Македонија се покажа како одговорен партнер и важен придонесувач кон глобалниот мир и безбедност, служејќи во големи иницијативи како Јадрнаската повелба и Балканските медициски сили.
Тој го поздрави постигнувањето на Договорот за решавање на спорот со името помеѓу Македонија и Грција, истакнувајќи дека тоа барало трпелива дипломатија од двете земји и дека компромисите се секогаш тешки.
Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, рече дека денеска е свечен ден за Македонија, поради посетата на американскиот државен секретар за одбрана, Матис, кој, како што рече, доаѓа во исклучителен период кога граѓаните се подготвуваат да го дадат својот глас за прифаќањето на Договорот за решавање на спорот за името со Грција.
„Му го пренесов нашиот интерес да организираме и да спроведеме успешен референдум како клучен момент за иднината на нашата земја. Во духот на остварувањето на таа иднина водиме политики за обезбедување на политичките фактори за ова прашање. Повикуваме на единство кога станува збор за остварување на стратешките цели за граѓаните на нашата земја, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ. За Република Македонија интеграцијата во НАТО и ЕУ нема алтернатива, тоа го потврдува и огромното мнозинство на нашите граѓани“, истакна Заев.
„Земјите од Западен Балкан интегрирани во евроатлантското семејство се гаранција и за стабилна превенција од инволвирање на трети страни овде во регионот. Постојано ги охрабруваме лидерите во регионот да се обединат за остварување на заедничките цели: одржлив мир, регионална соработка, економски развој и интеграција во евроатлантското семејство на народите“, додаде премиерот Заев.
Министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска, рече дека посетата на американскиот секретар Матис, како и неговата одлука лично да ја пренесе поддршката на САД во овој клучен историски момент, е силна потврда на стратешкото партнество меѓу САД и Македонија.
„Вашата посета е прва посета на Македонија од страна на секретар за одбрана на САД по цели 14 години. За првпат во нашата историја како независна држава ни се случува во една година, практично, за помалку од шест месеци, секретар за одбрана на САД и македонски министер за одбрана да имаат две средби, во Вашингтон и во Скопје. Сево ова говори за нашето стратешко партнерство и за вашата лична заложба за Македонија и за нејзиното членство во НАТО Алијансата“, изјави Шекеринска.
Американскиот државен секретар за одбрана, Џејмс Норман Матис, во рамките на неговата посета на Република Македонија, ќе се состане и со македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов.