Ivana Ramadanova
09 Ноември 2017•Ажурирај: 10 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денес во Скопје се одржа дваесет и првата Конференција на началниците на генералштабовите (НГШ) на армиите на САД и на земјите-членки на Јадранската повелба (А-5) (Македонија, Хрватска, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора), јавува Anadolu Agency (AA).
На конференцијата којашто беше отворена од страна на НГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, се расправаше за проширување на соработката меѓу државите од А-5 за целосна НАТО интеграција и придонес за безбедноста на Алијансата.
Тој им се заблагодари на началниците на генералштабовите кои овозможија Македонија да биде копретседавач на 25-годишнината од формирањето на АРМ, истакнувајќи дека Македонија заедно со сите партнери и пријатели е подготвена да ги сподели искуствата и перспективите, а воедно и да ја прошири соработката за целосна интеграција во НАТО и за придонес за безбедноста на Алијансата.
Свое обраќање пред учесниците на конференцијата имаше и претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили, Ѓорге Иванов, кој меѓу другото, истакна дека отворената врата за влез во Алијансата е метафорична покана, но сепак, Македонија со НАТО ги споделува истите вредности, интереси и приоритети.
Иванов посочи дека поради радикализацијата од странските борци, Европа сѐ повеќе се соочува со напади извршени од втора или од трета генерација мигранти дојдени во европските земји, додавајќи дека за да се одговори на оваа закана, потребно е државите од Јадранската група целосно да се интегрираат во архитектурата на безбедносниот систем на НАТО и на Европската Унија, со непречен пристап до сите бази на податоци.
„Рутата што во 2015 ја отворија бегалците и мигрантите, започнаа да ја користат и странските терористички борци. Се проценува дека најмалку 5.600 странски борци од Европа заминале на боиштата во Сирија и во Ирак, што е 15% од вкупниот број борци на ДЕАШ. Од Австрија има 300, од Белгија 450, од Данска 135, од Германија околу 950, од Норвешка околу 100, од Шведска околу 300. Околу третина од нив веќе се вратиле во своите матични европски земји", изјави Иванов истакнувајќи дека само од Балканот заминале околу 960 лица коишто се странски борци.
„Според последните информации, од Македонија има 154, од кои 33 загинале, а 80 се вратени. Во Сирија останале 41, од кои 33 се во ДЕАШ, а 8 во Ал Нусра. Дваесетина се затворени со акцијата 'Ќелија. Од Босна и Херцеговина заминати се 237. Најмногу странски борци има од Косово, 317, од кои 130 се веќе вратени. Од Албанија има 150, од Црна Гора 13, а од Србија околу 50. Многумина од оние што на Блискиот Исток заминаа како радикали и екстремисти, во Европа се враќаат како терористи“, рече Иванов.
Според заменик-командантот на командата на Армијата на САД за Европа, генерал потполковник Тимоти Реј, европската команда на САД останува посветена на Европа и очекува да продолжат цврстите врски меѓу сите европски сојузници и партнери присутни на оваа конференција.
„Убеден сум дека ќе продолжиме да ги надградуваме нашите цврсти односи со лидерите на земјите од САД – Јадранската повелба (А-5), обидувајќи се да ја зајакнеме и да ја зголемиме безбедноста во Југоисточна Европа, да ја продолжиме интеграцијата во НАТО и да придонесеме кон колективната безбедност на Европа. Европската команда на САД ќе продолжи да се залага за евроатлантскиот пат на овој регион, вклучувајќи и идно членство на Република Македонија и Босна и Херцеговина во НАТО“, истакна Реј.
Договорот за формирање на Јадранската повелба официјално е потпишан во 2003 година, со којшто покрај САД како покровител, Македонија, Албанија и Хрватска се обврзаа низ институционална рамка да ја развиваат регионалната соработка во областа на одбраната.
Во 2008 година, на оваа иницијатива се приклучија Босна и Херцеговина и Црна Гора, а Србија, Косово и Словенија имаат статус на земји-набљудувачи во групата. Средбите на ниво на началници на армиските генералштабови се одржуваат еднаш годишно, кога се разгледуваат прашања од областа на военото образование, воено-техничката соработка, операциите за поддршка на мирот и други актуелни теми од областа на одбраната и безбедноста.