Bedrudin Brlyavac
17 Ноември 2017•Ажурирај: 18 Ноември 2017
САРАЕВО (AA) - Премиерот на Република Македонија Зоран Заев по средбата со својот босанско-херцеговски колега Денис Звиздиќ, истакна дека целта на Македонија е да ја унапреди соработката со БиХ во сите области, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние користиме секоја прилика, онака како тоа од нас го очекува и ЕУ, да ја унапредиме нашата соработка до максимално ниво. Навистина, помеѓу нашите две земји, нема отворени прашања и гледаме таа соработка да биде од корист на граѓаните на двете земји", рече Заев на заедничката прес конференција со претседавачот на Советот на БиХ Денис Звиздиќ.
Премиерот на Македонија нагласи дека соработката на БиХ и Македонија, но и на другите земји од регионот, треба да се искористи за да се зголеми извозот на стоката и услугите кон ЕУ, но и за да се унапреди стандардот на животот на граѓаните.
„Сакам да знаат граѓаните на Босна и Херцеговина кога ќе ја користам приликата да разговарам за Македонија со европските лидери, освен за Македонија, ќе разговарам за БиХ, Србија, Црна Гора, Албанија и за Косово. Секако, тоа ќе го прави и претседателот на Советот на министри на БиХ, Звиздиќ, кога ќе разговара за БиХ ќе разговара за Македонија и другите земји од регионот. Ние сме убедени ако ја зајакнеме соработката во регионот Европа ќе не почитува повеќе и со уште еден чекор ќе гледа попозитивно на целиот овој регион во аспект на неговата целосна интеграција", рече Заев.
Претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ истакна дека неговиот македонски колега Зоран Заев води политика на компромиси и политика на добра соработка.
„Исто така, тоа е и фокусирање на вистинските цели, а тоа се Европа, НАТО и регионалната соработка. Тие цели се идентички со приоритетите коишто ги има и БиХ. Можам да речам дека соработката помеѓу нашите две зејми е исклучително добра. Немаме отворени прашања. Нашата соработка има нагорен тренд. Целите и приоритетите ни се идентични, рече Звиздиќ на конференцијата за медиумите.
Истакна дека постигнале договор БиХ и Македонија заеднички да настапуваат и кон Европската унија и во проектите коишто значат регионална соработка.
„Еден од проектите е и заедничка иницијатива за воспоставување на авиолинија која би поврзала три главни града во регионот Сараево, Подгорица и Скопје. Многу е можно такво нешто да им понудиме и на останатите земји во регионот, на пример, на Бугарија. Нам ни е важно ние да се поврземе, не само со ЕУ, туку и во рамките на нашиот регион", рече Звиздиќ.
Нагласи дека сорботката на двете земји првенствено е фокусирана на јакнење на економските односи.
„Фокусот на нашата соработка е насочен на економијата и продолжување на добрите односи и воспоставување на добри услови за јакнење на нашите трговски врски и за отстранување на сите трговски и царински бариери", рече Звиздиќ, додавајќи дека намерата на двете земји е Западниот Балкан во наредно проширување да стане дел од ЕУ.
На крајот додаде и дека се во подготовка неколку договори, меморандуми и протоколи кои се однесуваат на условите за патување на граѓаните на двете земји, а што би значело преминувње на граница со лична карта.
- Звиздиќ за најновите тензии во односите помеѓу Сараево и Белград
Звиздиќ на крајот на новинаско прашање во врска со најновите тензии во односите Сараево-Белград истакна дека, како што рече, произведување на имагинарни афери базирани на непостоечки аргументи не придонесува кон мирот и соработката во регионот.
„Вложени се многу напори за мал напредок, а ваквите афери таквата ситуација ја блокираат или ја враќаат назад. Очекував дека седницата на Советот за национална безбедност на Србија да биде одржана веднаш по изјавата на тогашниот претседател Николиќ кој на мостот помеѓу БиХ и Србија реше дека сонува за обединување на Република Српска и Србија. Очекував дека ќе се одржи седница и дека ќе се предупреди претседателот дека тоа е повреда на територијалниот интегритет и суверенитет на БиХ", рече Звиздиќ.
Додаде и дека очекувал дека ќе биде одржана седница поради изјавите на претседателот на Република Српска Милорад Додик за отцепување на Република Српска од БиХ.
„Очекував дека ќе се одржи седница за да се предупреди претседателот на Република Српска да престане буден да сонува за обединување или отцепување на Република Српска. За жал, ниту тоа не се случи. Тогаш се одржа седница на база на непостоечки, искривени и да бидам груб, лажно пренесена изјава на еден од членовите на Претседателството на БиХ", рече Звиздиќ.