Stipe Majic
22 Септември 2022•Ажурирај: 23 Септември 2022
ЗАГРЕБ (АА) – Новите, пополнети податоци од пописот во 2021 година покажуваат дека во Хрватска е зголемен бројот на Хрватите, а бројот на Србите намален, додека бројот на верниците е намален, а бројот на атеистите зголемен, јавува Агенција Анадолија (АА).
Податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), кој објави нови ажурирани податоци од пописот во 2021 година, покажуваат дека Хрватска има 3.871.833 жители, од кои 1.865.129 се мажи (48,17 отсто) и 2.006.704 се жени (51,83 отсто). Споредено со пописот од 2011 година, бројот на жители е намален за 413.056 или за 9,64 отсто.
Резултатите од пописот од 2021 година покажуваат дека уделот на Хрватите во националната структура на населението изнесува 91,63 отсто, на Србите 3,20 отсто, на Бошњаците 0,62 отсто, на Ромите 0,46 отсто, на Италијанците 0,36 отсто и на Албанците, 0,36 отсто, додека уделот на останатите припадници на националните малцинства одделно е помалку од 0,30 отсто.
Според верската припадност, католиците во 2021 година биле застапени со 78,97 отсто, а на пописот пред десет години со 86,28 отсто, православните сочинуваат 3,32 отсто наспроти 4,44 отсто во 2011 година, додека муслиманите се застапени со 1,32 отсто во однос на претходните 1,47 отсто.
Бројот на лица кои не се верници и атеисти е 4,71 отсто, додека 1,72 отсто од луѓето не сакале да се изјаснат на прашањето за верската припадност.
Според мајчиниот јазик, 95,25 отсто од луѓето изјавиле дека нивниот мајчин јазик е хрватскиот, а 1,16 отсто од луѓето се изјасниле дека нивниот мајчин јазик е српскиот. Уделот на лица со друг мајчин јазик одделно е помал од 1,00 отсто.
Од вкупниот број на населението на Република Хрватска, 99,24 отсто имаат хрватско државјанство, додека 0,74 отсто или 28.784 се странски државјани.