Lejla Biogradlija
10 Ноември 2021•Ажурирај: 10 Ноември 2021
САРАЕВО
Претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, го прекина интервјуто за „Танјуг“ (Tanjug), откако новинарот на оваа српска новинска агенција во текот на разговорот во неколку наврати го негира геноцидот во Сребреница, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На социјалните мрежи е споделен мал исечок од интервјуто на Комшиќ за агенцијата „Танјуг“, во кој може да се види како претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина го прекинува интервјуто по „расправата“ со новинарот на тема „геноцидот во Сребреница“.
Комшиќ во текот на интервјуто изјави дека геноцидот во Сребреница е утврден со правосилни пресуди на меѓународните судови и дека за тоа не може да се дискутира.
„Геноцид е геноцид. За тоа не може да се дискутира, ако воопшто сме луѓе“, изјави Комшиќ.
Комшиќ подвлече дека геноцидот има пресуда и го запраша новинарот дали се согласува со тоа, на што новинарот на „Танјуг“ одговори дека не се согласува со „таа констатација“.
„Зошто не се согласувате со таа констатација?“, запраша Комшиќ, на што новинарот, геноцидот во Сребреница го нарече страшен злочин.
„Не, геноцид е извршен. Така стои во пресудите на меѓународните судови. Геноцид, а не страшен злочин. Страшни беа некои други злосторства, ова е геноцид“, повтори Комшиќ.
На тоа новинарот рече дека тоа е негов став (на Комшиќ), а претседавачот со Претседателството на БиХ одговори: „Не, тоа не е мој став, тоа го пишува во пресудите.“
„Со кои Вие се согласувате“, додаде новинарот, а Комшиќ прашал: „А Вие, не?“
„Јас со таа пресуда не се согласувам“, одговори новинарот на „Танјуг“, на што Комшиќ го симна микрофонот и го прекина интервјуто со зборовите:
„Тогаш ќе морате со некој друг да го работите ова интервју. Уживајте во Сараево.“
- Она што се случи во Сребреница беше квалификувано како „геноцид“
Меѓународниот суд на правдата во Хаг, во својата одлука во 2007 година пресуди дека она што се случи во и околу Сребреница е „геноцид“, врз основа на докази од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија.
По окупацијата на Сребреница од страна на српските трупи под команда на Ратко Младиќ на 11 јули 1995 година, цивилните Бошњаци кои се засолниле кај холандските војници во рамките на Обединетите нации (ОН), потоа им биле предадени на Србите.
Дозволувајќи им на жените и децата да стигнат до регионот под контрола на бошњачките војници, Србите масакрираа најмалку 8.372 мажи Бошњаци во шумски подрачја, во фабриките и магацините. Убиените Бошњаци потоа се погребани во масовни гробници.
По војната, жртвите чии тела беа пронајдени во масовните гробници во напорите за пронаоѓање на исчезнатите и по процесот на идентификација се погребуваат со церемонија која се одржува на Меморијалните гробишта „Поточари“ на 11 јули секоја година.
Српскиот командант Младиќ пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија беше осуден на доживотен затвор за многу злосторства, меѓу кои и геноцид во случајот, а неговата казна повторно беше потврдена во жалбениот случај на 8 јуни.