Zylfije Adem Jakupi
10 Ноември 2021•Ажурирај: 11 Ноември 2021
ПРИШТИНА (АА) - На Универзитетот за бизнис и технологија (УБТ) свечено е инаугуриран Технолошкиот центар 5Г за безжична мобилна интернет-мрежа, прв од тој вид во регионот на Западен Балкан, јавува Агенција Анадолија (АА).
На церемонијата на отворањето одржана во научниот и иновациски парк на УБТ учествуваа претставници на домашните и меѓународните институции. Овој центар ќе биде истражувачки центар кој ќе ја поврзува индустријата со најновата технологија, креиран како единствено оружје за тестирање кое овозможува истражување на нови 5Г-технологии и тестирање на нови апликации.
Технолошкиот центар 5Г е една од 20-те иновации кои се планирани по повод 20 години на УБТ и отворен е во соработка со финската телекомуникациска компанија „Нокиа“.
Претседателот на УБТ, професорот Едмонд Хајризи, изјави дека овој проект е инвестиција од околу 50 милиони евра со помош на странски организации и дека се надева дека ќе овозможи отворање на нови работни места и ќе го подобри квалитетот на животот на граѓаните во Косово. Хајризи истакна дека со воведување на оваа технологија Косово нема потреба да се чувствува инфериорно во однос на последниот развој во регионот и светот. Тој наведе дека се инсталирани и неколку компјутери за да можат податоците да се процесуираат и виртуелизираат во реално време.
„Видов дека Владата во Велика Британија дала поддршка за имплементација на 5Г-мрежата, како и во Германија и Финска, каде што имплементацијата на 6Г-мрежата веќе започнала, така што ние сега не можеме да чекаме бидејќи трансформацијата е во тек, а ние сме дел од тоа и наредните две-три години ќе бидеме уште поблиску до паметните градови, паметни автомобили, паметни болници. На нашиот факултет постојат многу центри на технолошки иновации, студентски програми и слично, и затоа моравме да реагираме за да го преземеме овој чекор“, рече Хајризи.
Шефот на Кабинетот на премиерот на Косово, Луан Далипи, изјави дека со работа и желба за унапредување Косово може да биде најдобро во регионот. Тој рече дека приватниот сектор не треба да ја чека Владата и политичарите да им помогнат за да бидат технолошки конкурентни и во таа смисла го поздрави ангажирањето на УБТ.
„Иновацијата е единствениот пат кој мораме да го следиме. И Ковид-19 ни покажа дека технологијата и употребата на интернетот се апсолутно неопходни. Но очекувањата на луѓето сега се сменија и нашите деца очекуваат побрз интернет, но за жал, ние сме во состојба на транзиција, но треба да им ги пружиме на учениците сите информации и доволен капацитет за развој“, рече Далипи.
5Г-мрежата е стандардна технологија на петтата генерација на широкопојасни мобилни мрежи, која започна да се применува во 2019 година и е наследник на 4Г-мрежата која овозможува поврзување со најсовремените мобилни мрежи. Главна предност на новите мрежи како што е 5Г е тоа што ќе има широк пропусен опсег, пружајќи поголема брзина на преземање.