Zlatan Kapic
28 Август 2021•Ажурирај: 29 Август 2021
ЦЕТИЊЕ
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, за време на денешната посета на Црна Гора порача дека неговата земја има историска одговорност и обврска кон земјите од регионот и додаде дека БиХ, која вчера ја посети, може да ги надмине своите проблеми со заедништво, известува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган изрази задоволство од првата официјална посета на Црна Гора, заблагодарувајќи му се за гостопримството на претседателот Мило Ѓукановиќ, кој му приреди свечен пречек во Цетиње.
Турскиот претседател потсети дека во јуни во Анталија го угостил претседателот на Црна Гора, Ѓукановиќ, во рамките на Дипломатскиот форум и Самитот на лидери на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Потсетувајќи дека пријателството меѓу Црна Гора и Турција има долга традиција, Ердоган укажа на значењето на пријателството на османлискиот султан Абдулхамид II и кралот Никола, на историската амбасада на Османлиската Држава во Цетиње и именувањето на првиот црногорски амбасадор токму во Османлиското Царство.
Ердоган рече дека Турција е меѓу првите земји што ја признале независноста на Црна Гора, а меѓусебната солидарност двете земји ја покажале и во текот на пандемијата на коронавирусот.
„Помошта што ја пративме во Црна Гора во вид на медицинска опрема и материјал во текот на пандемијата и соработката со Црна Гора за време на евакуацијата на нашите државјани во Турција е потврда на нашето пријателство“, појасни Ердоган.
Ердоган истакна дека на денешниот состанок со Ѓукановиќ е потврдена волјата за продолжување на јакнењето на соработката меѓу Турција и Црна Гора, кои имаат сериозен потенцијал за развој на економската соработка и обемот на трговската размена.
„Турција е меѓу 10-те најголеми инвеститори во Црна Гора. ТИКА досега во Црна Гора реализираше 399 проекти и активности во вредност од 20 милиони евра. Низ Турскиот културен центар „Јунус Емре“ во Подгорица минаа 1.686 посетители на курсевите на турски јазик, а државната стипендија на Турција ја искористија повеќе од 450 студенти од Црна Гора“, рече Ердоган.
Претседателот на Турција информираше дека разговарале и за други прашања што се од интерес на Балканот и меѓународните движења.
„Турција и Црна Гора, како важни делови од Балканот и Европа, даваат сериозен придонес за мирот и стабилноста на Црна Гора, која обединува различни етнички и верски групи, претставува важен пример на заеднички живот. Мировните политики на Црна Гора во регионот, нејзините активности во меѓународните организации и интензивните чекори кон членството во НАТО и Европската Унија ги следиме со искрени пофалби. Дадовме силна поддршка за членството на Црна Гора во НАТО, а искрено верувам дека членството на оваа земја во ЕУ ќе придонесе за стабилноста на целиот регион“, рече Ердоган.
Потсетувајќи дека знае дека црногорскиот претседател е спортист, добар кошаркар, а како што наведе, и самиот долги години играл фудбал, рече дека фудбалските репрезентации на двете земји ќе се сретнат на квалификациите за Светското фудбалско првенство 2022 година. Ердоган изрази надеж дека овие натпревари ќе придонесат за меѓусебно пријателство и дека и двете репрезентации ќе изборат пласман на Мундијалот.
На новинарското прашање во врска со посетата на Босна и Херцеговина и изјавата на членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, дека повеќе му верува на Ердоган отколку на Западот, турскиот претседател рече дека посетата на БиХ и на Црна Гора се показател за одговорноста на Турција кон регионот.
„Ние имаме историска одговорност и обврска тука. Затоа ја продолжуваме посетата на балканските земји и затоа тоа ќе го продолжиме и во иднина. Вчера бев во БиХ и разговарав со нашите пријатели таму. Нивното заедништво за нас е многу важно. Верувам дека Босна и Херцеговина во единство и заедништво може да ги надмине сите проблеми“, нагласи Ердоган.
Планирано е по средбата, Ѓукановиќ со сопругата да приреди свечен ручек во чест на високиот гостин и неговата сопруга.
Гости на ручекот, покрај членовите на делегацијата, ќе бидат и потпретседателот на црногорската Влада, Дритан Абазовиќ, градоначалникот на Цетиње, Александар Кашќелан, претседателот на Бошњачката странка, Ервин Ибрахимовиќ, и реисот на Исламската заедница на Црна Гора, Рифат Фејзиќ.
Во одвоена програма првата дама на Црна Гора, Лидија Ѓукановиќ, ќе ја угости првата дама на Република Турција, Емине Ердоган. Првите дами ќе го посетат Музејот на кралот Никола во Цетиње и изложбата на платото пред Музејот.
Ердоган во текот на посетата на Црна Гора ќе се состане и со претседателот на црногорското Собрание, Алекса Бечиќ, и со премиерот Здравко Кривокапиќ, а планирана е посета и на џамијата „Низам“ и медресата „Мехмет Фатих“.