Muhammed Enes Çallı
02 Декември 2024•Ажурирај: 03 Декември 2024
АНКАРА (АА) - Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, денес по средбата со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, изјави дека Туркије продолжува да ја поддржува стабилноста на Балканот, за кој рече дека претставува мозаик на културна и верска различност, јавува Анадолу.
Ердоган го пречека Милатовиќ, кој престојува во официјална посета на Туркије, со највисоки воени почести и интонирање на националните химни во Претседателската палата во Анкара.
„Туркије и Црна Гора формираат меѓудржавен Совет за стратегиска соработка“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека Црна Гора претставува пример за верска и културна различност и толеранција.
На заедничката прес-конференција Ердоган говореше и за актуелната ситуација во Сирија, наведувајќи дека со големо внимание ги следат случувањата што се интензивираа последните неколку дена во соседната земја.
„Внимателно ги следиме случувањата што ненадејно избувнаа кај нашиот сосед Сирија во изминатите неколку дена“, рече Ердоган во врска со ескалацијата на борбите меѓу режимот на Башар ал Асад и вооружените опозициски групи во Сирија.
„Анкара внимателно ја следи ситуацијата на теренот во Сирија во согласност со нејзините национални безбедносни приоритети и ги презема сите неопходни мерки за да спречи разни дејства“, рече Ердоган.
„Наша најголема желба е да се зачува територијалниот интегритет на Сирија и да се стави крај на нестабилноста со консензус во согласност со легитимните барања на сирискиот народ“, рече турскиот претседател.
Тој нагласи дека Анкара останува подготвена да „направи сѐ што е потребно за да го изгаснеме пожарот“ во нејзиниот регион.
Меѓу силите на режимот на Асад и антирежимските вооружени групи во Алепо во Северна Сирија судирите започнаа на 27 ноември, што означи повторна ескалација на борбите по периодот на релативна смиреност во граѓанската војна што ја зафати Сирија во 2011 година.