Zlatan Kapic
28 Мај 2022•Ажурирај: 01 Јуни 2022
САРАЕВО (АА) - Претседателот на Управата за верски прашања на Република Турција (Дијанет), Али Ербаш, на денешното свечено отворање на новоизградената административна зграда на Ријасетот на Исламската заедница во Босна и Херцеговина рече „веруваме дека оваа зграда ќе биде цврст симбол кој ќе ги одбива дезинформациите во пропагандната војна што се води против исламот“, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ние сме претставници на вера и цивилизација која го промовира мирот и солидарноста меѓу луѓето“, рече Ербаш.
Тој ги пренесе поздравите на граѓаните на Турција на чело со претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Потсети на сите великани кои го врежале своето име во историјата на Сараево и на Босна и Херцеговина, а потсети и на сите кои ги положија животите во војната, меѓу кои и на 25 турски државјани.
„Нашето братство денеска дополнително се зајакнува со овој нов мост во нашите братски односи“, рече Ербаш, изразувајќи задоволство од денешното отворање.
Оваа зграда, како што рече, всушност е пример за честитоста и благородноста на Бошњаците на овие простори.
„Нашата најголема желба е сите народи да живеат во мир. Муслиманите во БиХ како и на Балканот се најубавиот пример кој покажува како е можен заеднички живот. За жал, во срцето сè уште чувствуваме длабока болка поради тоа што го доживеаја нашите браќа. За жал, свесни сме дека денес се прават обиди да се внесе семето на раздор меѓу луѓето што живеат на овие простори. Мораме да заземеме цврст став против тоа и да се бориме против него. Мора да им дадеме пример на сите луѓе дека е можно да се живее заедно затоа што нашата вера го унапредува единството“, рече Ербаш и порача:
„Денешниот свет, повеќе од кога било, треба да ја види пораката на исламот која ни наредува правда, братски односи и солидарност со луѓето.“
Потсети на важноста од изградбата на административната зграда на Ријасетот на Исламската заедница во БиХ.
„Оваа зграда е гарант на присутната порака за можноста за заеднички живот на луѓето од различна верска и етничка припадност“, истакна Ербаш.
Изградбата на административната зграда на Ријасетот на Исламската заедница во БиХ започна во февруари 2009 година.
Поради недостиг на средства, работите беа прекинати од 2010 до 2018 година.
Новоизградената административна зграда на Ријасетот е импозантна зграда со десетици канцеларии, амфитеатар, сали за состаноци, но и тераси со поглед на Сараево.
Предвидено е во објектот да бидат преместени сета администрација на Ријасетот на Исламската заедница, заедно со своите служби, на чело со канцеларијата на реис-ул-улема и неговиот заменик.