Bedrudin Brljavac
17 Февруари 2022•Ажурирај: 18 Февруари 2022
БРИСЕЛ (АА) ‒ Европскиот парламент го повика Советот на Европската Унија да воведе санкции на членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик и неговите соработници, поради, како што е кажано „неговата сецесионистичка политика во Босна и Херцеговина“, јавува Агенција Анадолија (АА)
Амандманот кој се однесува на Босна и Херцеговина усвоен е преку годишниот извештај на Одборот за надворешна политика на Европскиот парламент. Извештајот доби поддршка од 504 европарламентарци, додека против беа 93 застапници, а 72 беа воздржани.
Додик е посочен како главен виновник за поткопување на државните структури на Босна и Херцеговина, како и поради заканите кон единството и територијалниот интегритет на државата.
„Европската Унија остро ги осудува неуставните сецесионистички мерки на власта на босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска чија цел е воспоставување споредни институции во областа на медицината и медицинските производи, судот, одбраната, безбедноста и данокот, со што се поткопуваат државните структури на Босна и Херцеговина и се создава егзистенционална закана на нејзиното единство и територијален интегритет; ја осудува штетната улога на регионалните актери и надворешното мешање на Русија; го повикува Европскиот совет да наметне целни санкции кон Милорад Додик и неговите сојузници поради неговите коруптивни активности, континуираната дестабилизација на земјата и поткопувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“, наведено е во амандманот кој го поднесоа застапниците Педро Маркес, Тонино Пицула и Тијс Ројтен.
Владата на Република Српска на Европскиот парламент му упати писмо во кое се наведува дека пренесувањето на надлежноста, која овој босанско-херцеговски ентитет ја иницира во изминатиот период, не е чекор кон отцепување од Босна и Херцеговина. Во писмото уште се наведува дека власта на Република Српска го почитува Дејтонскиот мировен договор и дека со правен процес „се враќаат надлежностите“ кои ѝ се дадени со Уставот на Босна и Херцеговина.
Во Брисел на 21 февруари би требало да бидат одржани разговори за ситуацијата во Босна и Херцеговина.