Балкан

Државниот врв на Северна Македонија изрази сочувство за загинатите во експлозијата во Бејрут

„Сочувство за семејствата на сите луѓе кои се погодени од масивната експлозија во Бејрут. Многу загубени животи, илјадници повредени, а материјалната штета е огромна. Ненадоместлива загуба", истакна Пендаровски

Admir Fazlagic  | 05.08.2020 - Обновена : 06.08.2020
Државниот врв на Северна Македонија изрази сочувство за загинатите во експлозијата во Бејрут

СКОПЈЕ

Државниот врв на Република Северна Македонија изрази сочувство за загинатите во експлозијата во Бејрут, во Либан, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, на неговиот официјален профил на социјалната мрежа Твитер изрази сочувство за загубените животи во експлозијата во Бејрут.

„Сочувство за семејствата на сите луѓе кои се погодени од масивната експлозија во Бејрут. Многу загубени животи, илјадници повредени, а материјалната штета е огромна. Ненадоместлива загуба", напиша Пендаровски.

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров, упати сочувство до либанскиот народ.

„Шокиран од огромната експлозија во Бејрут. Нашите мисли се со сите погодени. Сите сме обединети во тага и солидарност со либанскиот народ", истакна Димитров на неговиот официјален профил на социјалната мрежа Твитер.

Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија во врска со вчерашната експлозија во Бејрут,  информира дека до овој момент не се пристигнати информации за евентуално засегнати граѓани на Република Северна Македонија.

„Во врска со вчерашната експлозија во Бејрут, која што однесе повеќе од 100 животи и разори делови од градот, Министерството за надворешни работи информира дека до овој момент не се пристигнати информации за евентуално засегнати граѓани на Република Северна Македонија", се вели во соопштението на МНР.

Во соопштенето се додава дека МНР преку дипломатски канали ги презема сите неопходни мерки и активности за добивање на соодветни информации поврзани со државјаните на Северна Македонија  кои би можеле да бидат засегнати од вчерашната несреќа во Либан.

„До моментов, ниту еден граѓанин на Северна Македонија кој би можел да се наоѓа во Либан не се обратил до Министерството за надворешни работи за соодветна помош", се додава во соопштението.

Според најновите податоци кои ги објави Црвениот крст на Либан во експлозиајта загинаа најмалку 100, а повредени се 4.000 лица.

Експлозијата вчера се случи во пристаништето на Бејрут. Како известија медиумите во едно од складиштата најпрво избил пожар, а потоа следувала експлозијата која се слушна и во предградијата. 

Соседните и регионални земји вклучувајќи ја и Турција изразија сочуство и понудија помош за Либан по експлозијата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.