Admir Fazlagic
05 Септември 2017•Ажурирај: 05 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, кој учествува на денешниот состанок на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во градот Блед, Словенија, имаше обраќање во коешто ја нагласи важноста на политиката за градење мостови на пријателство, добрососедство и соработка во светлината на европската интеграција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од Министерството за надворешни работи на Република Македонија се вели дека фокусот на денешниот состанок на ПСЈИЕ беше ставен на политиката на проширување на ЕУ, регионалната соработка и на потребата од инфраструктурно поврзување.
„Во следната година и половина, регионот има шанса да направи видлив прогрес во европските интеграции. За да ја искористиме, треба да работиме на реформите дома и да инвестираме во добрососедските односи меѓу нас. Ни претстои период на можности и перспективи. Ние мораме да демонстрираме посветеност на реформската агенда и на неопходноста од регионална интеракција и соработка. Но, истовремено ние мораме да демонстрираме сопственост врз процесите и подготвеност самите да надминуваме отворени прашања и предизвици. Во актуелниот регионален контекст, 'големата слика' е од извонредно значење“, истакна министерот Димитров во своето обраќање.
Шефот на македонската дипломатија учествуваше и на првиот министерски состанок на којшто беше инаугуриран Фондот за Западен Балкан.
Во градот Блед, Словенија, се одржува неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ПСЈИЕ, под водство на Словенија.
Покрај шефот на турската дипломатија и македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, на состанокот учестуваа и министрите за надворешни работи и претставници на Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Косово, Молдавија, Романија, Србија, Словенија, Грција, како и на Европската Унија (ЕУ).
ЕУ беше претставувана од страна на високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини.
Ова е прв состанокот на ПСЈИЕ под председавање на Словенија.