Stipe Mayiç
05 Септември 2017•Ажурирај: 06 Септември 2017
ЗАГРЕБ (АА) - Во Загреб се одржа првата конференција под наслов „Хрватската воена индустрија како извозен бренд“, на која беа промовирани достигнувањата во оваа индустрија, која минатата година забележа значителен раст, јавува Anadolu Agency (AA).
На конференцијата присуствуваа премиерот Андреј Пленковиќ, министерот за одбрана и за внатрешни работи, Дамир Крстичевиќ и Давор Божиновиќ, а преку видео порака на домашните и странски компании како и на дипломатските претставници им се обрати хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ.
Хрватската претседателка истакна дека Хрватска преку одбранбената индустрија и преку учеството во меѓународните мировни мисии и операции придонесува за глобалната безбедност. Таа истакна дека високиот квалитет на одбранбената индустрија ѝ овозможува на Хрватска рамноправно учество на меѓународните пазари.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ порача дека хрватската одбранбена индустрија е важна за хрватскиот извоз, но и за растот на домашната економија.
„Денешната порака е преку синергијата и интензивниот дијалог меѓу приватниот сектор и државата, да настојуваме да изнајдеме начини хрватската воена индустрија да стане поголем учесник во нашиот извоз во иднина“, порача хрватскиот премиер Пленковиќ.
На конференцијата беше нагласено дека хрватската одбранбена индустрија е стратешки важна за државата и дека бележи раст од 20 отсто на годишно ниво. Само во 2016 година, Хрватска извезла околу 200 милиони евра воено оружје и опрема.
Министерот за одбрана, Дамир Крстичевиќ, истакна дека хрватските војници се најдобри промотори на хрватската воена индустрија во светот и дека оваа индустрија во земјата вработува над 1.000 работници и е во постојан пораст.
„Во процес на набавка сме на повеќенаменски воени авиони и мислам дека тоа е огромна можност за унапредување на хрватската одбранбена индустрија преку пакети на деловно-економската соработка и отворањето на нови работни места“, рече Крстичевиќ.
Министерството за одбрана на Република Хрватска оваа година со домашни компании потпиша договори за набавка на 400 парчиња разни артикли во вредност од 230 милиони куни (31 милион евра).
Хрватскиот контингент, кој заминува во мисијата на НАТО „Resolute Support“ во Авганистан, оваа година за првпат е опремен и вооружен со домашни, хрватски производи кои се во согласност со највисоките стандарди на НАТО.