Abdula Berisha
09 Март 2020•Ажурирај: 10 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје се одржува тинк-тенк форумот насловен „Стимулирање на стратешка автономија. Придонесот на Западен Балкан за заедничка европска иднина“, јавува Anadolu Agency (AA).
На вториот ден од форумот, организиран од Институт за демократија „Социетас Цивилис“ во соработка со Европскиот совет за надворешни политики, се одржаа панел дискусии на теми како што се: миграцијата, хибридните закани, владеењето на правото и иднината на Европа.
На завршниот дел од вториот ден на форумот, свое обраќање имаа и министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, Никола Димитров и Екатерина Захариева.
Исто така, присутни на форумот беа амбасадори на европски држави во Скопје, меѓу кои и амбасадорите на Франција, Германија, како и претставници на меѓународни организации.
Говорејќи за безбедносниот аспект на регионот на Западен Балкан, министерот Димитров истакна дека тоа е географски составен дел од безбедноста на Европа, тврдејќи дека неодамна добил телефонски повици од европските министри за надворешни работи во врска со состојбата со мигрантите.
„После трагичниот ден во Идлиб, Сирија, што го предизвика миграцискиот предизвик, беше викенд, добив неколку телефонски повици од европските министри за надворешни работи кои првично се јавиле во Атина, но некои од нив се јавија и кај нас тука. Ова е од големо значење. Ова е силниот и неспорен географски аргумент“, рече Димитров.
Тој исто така зборуваше за процесот на интеграција на Северна Македонија, при што ја истакна потребата од донесувањето на одлуката за започнување на преговорите за членство во Европската унија (ЕУ) за време на Самитот во Загреб во месец мај.
„Мислам дека ако сега нема одлука, по одличното ажурирање на реформската агенда што неодамна ја објави Комисијата, немањето одлука во суштина ќе значи дека вратата е затворена“, рече Димитров.
Министерката Захариева рече дека е добар знак за регионот тоа што Северна Македонија и Бугарија заедно ќе претседаваат со Берлинскиот процес, додавајќи дека таа ќе биде посветена на спроведување на препораките што произлегуваат од форумот на невладините организации.
„Мислам дека е знак за регионот. Две соседни држави да ко-претседаваат со Берлинскиот процес, една од балканските држави и една од земјите членки на ЕУ, Бугарија. Претседавањето со Берлинскиот процес е во регионот и мислам дека е прекрасен знак на додадената вредност на Берлинскиот процес“, рече Захариева.
Шефицата на бугарската дипломатија рече дека земјите од регионот треба да си помагаат едни на други, но и да им помагаат на европските земји кои сè уште не го гледаат Балканот како дел од ЕУ и да им објаснат дека тоа е процес од заемна корист.
Во текот на утрешниот ден, по завршување на форумот, ќе се одржи состанок на министрите за надворешни работи на државите кои учествуваат во Берлинскиот процес, со што ќе се одбележи заедничкото претседателство на овој процес меѓу Северна Македонија и Бугарија. На состанокот се очекува да присуствуваат и претставници на ЕУ и Советот за регионална соработка.