Bekim Laci
13 Септември 2018•Ажурирај: 14 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Македонија и Албанија споделуваат компатибилна визија за европска иднина за двете земји, која, како таква, во последните 15 месеци ги приближи повеќе двете земји, рече министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, по состанокот во Скопје со својот колега од Албанија, Дитмир Бушати, јавува Anadolu Agency (АА).
Зборувајќи на заедничка прес-конференција, Димитров рече дека доаѓањето на Бушати во Македонија се случува во многу значаен момент за земјата, што сведочи за пријателството меѓу двете земји, но исто така, зборува за важноста која напредувањето на Македонија го има за официјална Тирана, бидејќи од ова имаат корист и Албанија и регионот.
Шефот на македонската дипломатија рече дека на состанокот се разговарало за темите на следниот состанок на двете влади, за 8. коридор и за другите инфраструктурни проекти.
Димитров ја коментираше набиената агенда на македонските власти во пресрет на референдумот, кој во изминатите денови, но и во наредните денови, ќе бидат домаќини на високи меѓународни претставници.
Денес доаѓа и норвешкиот државен секретар, значи, имаме пет високи државни гости. Јас не сум сигуен дали смеам официјално да ја потврдам посета на секретарот за одбрана на САД, Матис, меѓутоа, мислам дека видов најава од самите нив. Ќе се осмелам и ќе ја потврдам“, изјави Димитров, без да открие детали, но додаде дека решавањето на прашањата на Македонија е во интерес на Вашингтон.
Во меѓувреме, албанскиот министер Бушати зборуваше за важниот момент на неговата посета на Скопје во однос на евро-атлантската перспектива на Македонија, со акцент на официјалното определување на Скопје за решавање на споровите меѓу двата соседа на Албанија.
Тој го повтори повикот за успешен референдум на 30 септември, бидејќи, како што рече, не може да ја заобиколи целокупната атмосфера која владее во Македонија.
„Сега засега постои поцелокупна атмосфера, подобра меѓуетничка хармонија, некои охрабрувачки дела и во однос на Бугарија и Грција, како и заложбата на Владата и на актуелното мнозинство за Законот за јазиците, што создава можност сите да се чувствуваат како граѓани со еднакви права и обврски“, рече Бушати, додавајќи дека како земја членка на НАТО, Албанија продолжува да ја поддржува Македонија безусловно.
По состанокот на двајцата министри, се одржа состанок на делегации меѓу двете влади.
Претходно, министерот Бушати се сретна со вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи и ги повика сите граѓани на Македонија, без оглед на етничката, идеолошката, политичката или културната припадност, да го поддржат „овој процес“ на земјата, кој, според него е важен не само за Скопје и Атина, туку и за безбедноста на целиот регион.