Elvır Hodzıc
29 Јануари 2021•Ажурирај: 30 Јануари 2021
САРАЕВО
Министерот за надворешни работи на Република Грција, Никос Дендиас, денеска во Сараево изјави дека Грција ги поддржува земјите на Западен Балкан на патот кон членство во Европската Унија и изјави дека неговата земја обезбедила финансиска помош за три болници на територијата на БиХ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Заменик-претседавачот на Советот на министри и министерката за надворешни работи на БиХ, Бисера Турковиќ, денеска се состанаа во Сараево со министерот за надворешни работи на Република Грција, Никос Дендиас.
Во Министерството за надворешни работи на БиХ е одржан и состанок на делегациите на Министерството за надворешни работи на БиХ и Министерството за надворешни работи на Република Грција, а шефовите на дипломатија на двете земји се обратија и на новинарите.
„Добро утро, ви благодарам за гостопримството“, се зборови со кои на босански јазик обраќањето го започна Дендиас кој додаде дека е почестен со престојот во историскиот град Сараево.
Истакнувајќи дека Грција со години помага во обновата на БиХ по катастрофалните конфликти од 90-тите години на минатиот век, Дендиас изјави дека неговата земја пружа поддршка на БиХ и во другите области.
„Денеска разговаравме за тоа. Тоа беше конструктивен разговор за унапредување на односите. Неопходно е да се работи на тоа, почнувајќи од политичкиот дијалог, како и во другите сектори“, изјави Дендиас.
Во рамките на својата прва посета на Сараево, а прва на кој било шеф на грчката дипломатија во изминатите пет години, Дендиас изјави дека ќе имаат важни состаноци и со членовите на Советот на министри и Претседателството на БиХ.
Тој изјави дека во фокус на денешните состаноци е економската соработка, но и соработката во културата, и изрази надеж дека по пандемијата ќе продолжи размената на студенти со Бања Лука и Сараево.
„Пандемијата се случи во целиот свет. Ова е глобален проблем, но ова е тест на солидарност. Ја поддржуваме БиХ и земјите на Западен Балкан и како Грција и како членка на Европската Унија“, порача Дендиас.
Шефот на грчката дипломатија, Дендиас, изјави дека таа земја ќе даде финансиска помош на трите болници во БиХ и тоа по 50.000 евра за сараевската Општа болница „Прим. д-р Абдулах Накаш“ и Универзитетскиот клинички центар на Република Српска и 30.000 евра за Универзитетскиот клинички центар во Мостар.
„Поддршката на Грција на земјите на Западен Балкан на патот кон ЕУ и понатаму е тука. Ние тоа го сторивме пред 40 години и се надеваме дека и сите вие ќе го сторите тоа“, изјави Дендиас, и додаде дека е сѐ поизвесно дека четвртина од членките на ЕУ би можеле да ги сочинуваат балканските земји, а дека тоа некогаш било тешко и да се претпостави.
Нагласувајќи дека не смее да се дозволи минатото да влијае на иднината, Дендиас изјави дека Грција нуди и помош во техничката имплементација на мерките и политиките потребни за напредок на патот кон членство во ЕУ.
Тој ги пофали властите на БиХ за направените исчекори, вклучувајќи го и организирањето на локалните избори во Мостар.
„Особено е важен принципот на добрососедските односи врз основа на меѓународното право. Поголемиот дел од земјите, за среќа, ги негуваат истите тие принципи“, изјави Дендиас, и повика на продолжување на процесот на јакнење на регионалната соработка.
Тој ја повика колешката Турковиќ во поскора иднина да ја посети Атина и да ги продолжат разговорите за јакнење на билатералните и регионалните односи.