Zylfije Adem Jakupi
29 Јануари 2021•Ажурирај: 31 Јануари 2021
ПРИШТИНА
Врховниот суд на Косово ја одби жалбата на Албин Курти, лидерот на Движењето Самоопределување на одлуката на Изборниот панел за жалби и претставки да не може да биде кандидат за пратеник на предвремените парламентарни избори на 14 февруари поради правосилната пресуда за фрлање солзавец во Собранието на Косово, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На интернет страницата на Врховниот суд на Косово објавени се одлуки по повод пет жалби на политичките субјекти на одлуките на Изборниот панел за жалби и претставки (ИПЖП) за предвремените парламентарни избори да не се верификуваат нивните кандидати за пратеници кои имаат правосилни судски пресуди во последните три години и истите да не можат да се заменат со други кандидати.
Одлуките на Врховниот суд на Косово се конечни и извршни за сите страни.
Советот на Врховниот суд делумно ја прифати жалбата на политичкиот субјект Движењето Самоопределување во врска со потврдувањето кандидати за пратеници од нивната листа, така што и е наредено на Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) кандидатите Либурн Алиу и Лалиона Деми Муртези да ги стави на листата на кандидати за пратеници.
Со тоа Врховниот суд ја отфрли жалбата за неприфаќање на кандидатурата на Албин Курти, Албулена Хаџиу и Бајрам Мавриќи, и тие не можат да бидат бирани за пратеници на овие избори.
Во образложението на Врховниот суд се наведувадека делумно ја прифати жалбата на Самоопределување за Либурн Алиу и Лабинота Деми Муртези, затоа што е утврдено дека ИПЖП погрешно го пресметално денот на распишување на изборите 6 јануари 2021 година, како последен ден за проценка на тригодишниот рок за исполнување на условите на кандидатите, во смисла правосилна судска пресуда, како што тоа го нареди Уставниот суд на Косово.
Врховниот суд на Косово оцени дека тригодишниот рок би требало да се пресмета повикувајќи се на датумот на правосилната кривична пресуда за секој кандидат посебно до денот на изборите, а тоа во овој случај е 14 февруари 2021 година.
Со истото образложување Советот на Врховниот суд делумно ја прифати и жалбата на Алијансата за иднина на Косово (AAK) и ја одобри кандидатурата за пратеник на Шемседин Дрешај. Жалбата за останатите тројца кандидати е одбиена.
Жалбите на Ашкалиската партија за интеграција за четворица кандидати, Новата демократска партија за еден и Социјалдемократската партија Нисма за 12 кандидати се отфрлени.
Изборниот панел за жалби и претставки делумно ги усвои жалбите на политичките субјекти на одлуката на Централната изборна комисија од 22 јануари да не ги верификува оние изборни листи на кои има кандидати со правосилни пресуди во последните три години.
ЦИК ги верификуваше листите на Демократската партија на Косово, Демократскиот сојуз на Косово и Српска листа, бидејќи тие партии претходно ги замениле своите кандидати против кои постоеле правосилни пресуди.