Kemal Zorlak
18 Август 2024•Ажурирај: 20 Август 2024
БЕЛГРАД (АА) - Вицепремиерот на Република Србија и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, потврди дека синоќа во селото Хотково, во близина на Нови Пазар, е ликвидиран „вехабистот“ Сенад Рамовиќ - Бечан, кој дал отпор при апсењето и пукал во полицијата, соопшти српското Министерство за внатрешни работи, јавува Анадолу.
Министерството наведе дека министерот Дачиќ во гостувањето на српската телевизија „Прва“ објаснил дека Рамовиќ бил пронајден во куќата на неговиот зет, која била неколку стотини метри оддалечена од неговата куќа во селото Хотково, од каде што е, дека кон полицијата испукал три, четири куршуми и дека припадниците на Специјалната антитерористичка единица го ликвидирале.
Тој укажа дека неговото апсење го спровеле заеднички Безбедносно-информативната агенција, Министерството за внатрешни работи и Вишото јавно обвинителство во Нови Пазар.
„Оваа акција е продолжение на акциите спроведени по терористичкиот акт пред амбасадата на Израел во Белград“, рече Дачиќ и истакна дека оваа акција е и показател дека безбедносните служби паралелно со сите опструкции кои постојат на внатрешен план добро си ја вршат работата.
Министерот потсети дека Рамовиќ по терористичкиот акт во Белград, кој го изврши конвертитот Милош Жујовиќ, побегнал на територијата на Косово, како и дека против него се поднесени соодветни кривични пријави.
Како што истакна, Рамовиќ бил осуден за тероризам уште во 2007 година, а во конкретниот случај имал клучна улога во радикализацијата на Жујовиќ, но и на други лица, како Лазар Бербер од Сомбор, кој неодамна беше уапсен во заедничка акција на БИА, МВР и Обвинителство за организиран криминал поради постоење основи на сомнение дека подготвувал терористички акт.