Furkan Naci Top
03 Октомври 2017•Ажурирај: 04 Октомври 2017
АТИНА (АА) - Поради тоа што не постојат муслимански гробишта во Атина, мигрантите кои пристигнаа во Грција бегајќи од војните во матичните земји се принудени починатите да ги закопуваат стотици километри подалеку, јавува Anadolu Agency (AA).
Со години, поради административни и правните пречки, во Атина не е дозволено да се отворат муслимански гробишта, што длабоко ги погодува мигрантите муслимани кои неодамна време се засолнија во Грција.
Двојката Мухамед Легар и Сема Ешхади, сириски мигранти, не можеле да присуствуваат на погребот на бебето што го загубиле додека сопругата била во осмиот месец од бременоста.
Таткото Легар за АА изјави дека по тешко и опасно патување, од сирискиот град Алепо пристигнале во Грција.
Легар изјави дека откако пристигнале до безбедното пристаниште, се соочиле со трагичната загуба на своето неродено дете, истакнувајќи дека биле принудени починатото бебе да го испратат во Комотини, во североисточниот дел на Грција, без да знаат каде ќе биде погребано.
Бидејќи здравјето на неговата сопруга сѐ било кревко, Легар морал да ја придружува и не можел да замине на погребот на своето неродено дете. „И јас и мојата сопруга многу сме натажени. Ни се урнаа многу соништа што заедно ги планиравме доаѓајќи тука“, рече Легар.
Легар (33), кој по потекло е од Палестина, рече дека ја напуштил Сирија бегајќи од граѓанската војна што со години трае во земјата, надевајќи се дека со сопругата ќе најдат побезбедно и посигурно место за живот за нивното дете.
„Чуството дека сум странец не би можело да биде поголемо. Немав можност да отидам ниту на погребот на сопственото дете. Погребано е на стотици километри подалеку. Не можев ниту молитва да кажам на неговиот гроб“, рече ужалениот татко.
Легар истакна дека никогаш претходно не слушнал за градот Комотини и оти не знае каде е погребано неговото дете. Тој рече дека посакува еден ден да го посети гробот, доколку има можност за тоа.
- „Меѓу нас собираме пари за погребните трошоци“
Иако изгледа дека ова е нов проблем по затворањето на границите и стопирањето на протокот на бегалци кон Европа, по што мигрантите останаа во Грција, сепак станува збор за проблем што десетици години наназад го имаат околу 300.000 муслимани што живеат во Атина.
Египќанецот Абдулсаид Абдуррахим, кој веќе 25 години живее во атинската населба Калитеа, изјави дека проблемот со муслиманските гробишта е многу поголем од проблемот со џамија во градот.
Абдуррахим, кој работи како имам во месџит (објект за молење) изјави дека преку амбасадите, починатите ги испраќаат во нивните матични земји. „Погребните трошоци ги покриваат само некои земји. Секоја земја не го прави тоа. На пример, земјите како што се Сирија, Пакистан и Авганистан не ги покриваат трошоците. Затоа сме принудени починатите да ги испраќаме на гробиштата во Комотини или во Ксанти“, рече Абдуррахим.
Зборувајќи за погребите, имамот Абдуррахим истакна дека самиот процес е многу скап од повеќе аспекти.
„Трошоците многу нѐ измачуваат. Вкупните трошоци изнесуваат околу 1.500 евра. Поголемиот дел од мигрантите се сиромашни. Во такви ситуации, се обидуваме погребните трошоци да ги покриеме заеднички. Но повторно многу се мачиме“, изјави Абдуррахим.
Абдуррахим рече дека и покрај даденотот ветување, проблемот со гробиштата со години не се решава.
„Искрено, ние наместо џамија, повеќе посакуваме да имаме свои гробишта. Кога поднесовме барање, ни рекоа дека ќе се обезбеди локација. Но иако изминаа години, проблемот не е решен“, оцени Абдуррахим.
Атина е единствениот главен град во Европа во којшто нема муслимански гробишта.