Ivana Ramadanova
03 Октомври 2017•Ажурирај: 04 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Врховниот суд на Република Македонија денеска одржа јавна седница за предметот во врска со убиствата кај Смилсковско Езеро, на која јавната обвинителка Лилјана Спасовска побара да се укине првостепената и второстепената пресуда и да се врати предметот „Монструм“ на повторно одлучување, јавува Anadolu Agency (AA).
Неутврдена фактичка состојба, како и евентуално постоење на прислушувани разговори кои би можеле да го сменат текот на постапката, беа причините за барањето на обвинителката Лилјана Спасовска.
Според адвокатот Ѓорѓи Настевски, судот не прифатил повеќе факти во жалбата за кои тие како бранители сметаат дека ќе влијаат на пресудата, односно дека ќе се докаже невиноста на обвинетите.
„Сега на потег е судскиот совет при Врховниот суд и мислам дека има надеж тоа да се случи, и правдината да биде вратена назад за овој предмет. Јас во мојата прва изјава реков дека сме далеку од владеење на правото, но сега би рекол дека сме многу блиску до владеењето на правото“, истакна Настевски.
Адвокатот Саше Дуковски по јавната седница истакна дека ваквата одлука треба да биде пракса во постапувањето на Јавното обвинителство во сите жалбени постапки.
„Ние сметаме дека судот, првостепениот и второстепениот, како и Врховниот суд на Македонија, својата пресуда мора и единствено да ја заснова само врз основа на докази“, додаде Дуковски.
Осудените за петкратното убиство кај Смилковското Езеро кои и во текот на постапката пред Основниот суд и пред Апелација тврдеа дека се невини, на денешната јавна седница во Врховниот суд повторно ги отфрлија обвинувањата.
За петкратното убиство кај Смилковското Езеро, на доживотен затвор се осудени Алил Демири, Африм и Аѓим Исмаиловиќ и Езим и Хаќи Азири и Самил Љута.
Убиството кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.