ПРИШТИНА (АА) - Масакрот кој се случи во косовското село Рачак пред 22 години и денес е причина за кошмари што често ги има Рам Шабани, еден од преживеаните, пишува Агенција Анадолија (АА).
Масакрот во Рачак, во кој беа убиени 45 албански цивили, беше клучен за пресвртот во односот на меѓународната заедница кон војната во Косово кон крајот на 1990-тите години и доведе до бомбардирање на Србија од страна на НАТО истата година.
Рам Шабани имал 33 години, како што раскажа, кога на 15 јануари 1999 година српските безбедносни сили извршија масакр во Рачак, село во општината Штимље.
Рам во разговор за Агенција Анадолија (АА) пред спомен-обележјето во селото рече дека во масакрот го изгубил својот 22-годишен брат Бајруш и 11 роднини.
Наведе дека во масакрот биле убиени 41 лице. Тој додаде дека уште 3 лица биле поединечно убиени во селото тие денови, а телото на една жена и до денес не е пронајдено.

Според неговите зборови, жртви на масакрот биле мажи, жени и деца од 15 до 100 години. Една жртва била пронајдена без глава и една без срце, додава тој.
Пред војната селото имало околу 230 куќи, но за време на масакрот било доста испразнето. Некои мештани биле во борба, некои заминале во околните места, а во селото секогаш имало од 100 до 150 луѓе. Според исповедта на Рам, неговата сопруга била во Урошевац (Феризај) со синот, така што во времето на масакрот не била во селото.
Тој 15 јануари, гранатирањето започнало околу 7 часот наутро, вели Рам.
„Се собравме во куќата на Садик Османи, повеќе од 30 мажи, жени и деца. Беше близу шумата и беше куќа со подрум, бидејќи се плашевме дека ќе нѐ гранатираат. Кога го освоија селото, нè извадија од куќата на Садик Османи, нè исфрлија во дворот, нè тепаа, ни ги вадеа работите од џеб, личните карти. За време на масакрот бев со мајка ми, стрина ми и седумгодишната ќерка. Таа како дете плачеше кога ме одведе полицијата и ме тепаше“, раскажува Шабани.
„Истовремено, жените ги затворија во тој подрум, а нам ни наредија да ги ставиме рацете назад и да тргнеме кон местото каде што потоа беше извршен масакрот, на блискиот рид над селото“, рече тој.
„Ни рекоа да тргнеме кон нашата војска [Ослободителната војска на Косово], но горе нѐ чекаа Србите.“
„Потоа, како што виде целиот свет, излегоа и ги масакрираа. Јас се скрив десетина метри подалеку, немаше каде да се оди. Беше зима како денес, шумата тогаш беше многу помала“, се присетува Шабани.
Наведува дека на околните ридови биле српските сили, додека на ридот од другата страна на селото биле набљудувачите на Верификационата комисија на ОБСЕ за Косово, кои набљудувале сè, но не можеле да влезат во селото.
Според него, шефот на Верификационата мисија на ОБСЕ, Вилијам Вокер, влегол во селото ден по масакрот и тогаш го видел чичко Бануш без глава, Рагип без срце и останатите, и изјавил дека тоа е масакр против човештвото.
Неговиот најмлад брат имал 22 години, немал деца, бил младо момче, и како што тврди Рам, не се мешал со војската, тој бил невин како и останатите.
Рам Шабани истакнува дека убиствата се извршувани на повеќе места во селото и дека вечерта на 16 јануари жителите на сите околни села помогнале телата на убиените да се префрлат во селската џамија, мислејќи дека ќе ги погребат за два до три дена.
„Меѓутоа, мештаните, заедно со припадниците на Ослободителната војска на Косово, три дена водеа борба за телата на убиените. Сепак, српската полиција ги зеде телата и ги однесе во Приштина на обдукција. Ги држеа речиси еден месец и дури на 11 февруари беа вратени и мештаните ги закопаа.“
„Тогаш три дена се водеа борби. Убиен беше командантот на бригадата, Ахмет Качику, и тие претрпеа загуби. Тие ги зедоа и еден месец подоцна, до 11 февруари, не ги погребавме. Беа чувани во кеси, по болниците, така овој маскар беше извршен два, трипати, а не еднаш. Два, трипати беше за семејствата и за сите кои сочувствуваа со болката“, рече Рам Шабани.

Советот за безбедност на Обединетите нации го осуди масакрот врз косовските Албанци во Рачак, а по повеќе од два месеци подоцна започна интервенцијата на НАТО.
„На Косово имаше масакри пред Рачак, во Обриње и други, но масакрот што го шокира светот беше во Рачак. Печатот на Косово е Рачак. Можеби почетокот беше кај командантот Адем Јашари, но печатот за Косово што го донесоа Рамбује и Советот за безбедност е масакрот во Рачак“, смета Шабани.
Тој додаде дека освен еден српски полицаец, никој друг не одговарал за ова злосторство, а дека сведоците полека умираат.
Непосредно по војната, поточно во 2001 година, судиите на УНМИК, Мисијата на Обединетите нации на Косово, го осудија полицаецот Зоран Стојановиќ на минимална казна од 15 години затвор за учество во убиство на 45 лица во селото Рачак.
Случајот „Рачак“ беше меѓу обвиненијата за воени злосторства и пред Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија во Хаг.
Рам Шабани често го сонува сето тоа што го преживеал. Меѓутоа, напоменува дека „некој мораше да биде жртва за оваа земја“.
„Велам, дај Боже никогаш да не се повтори“, порача Шабани.