Bojana Stojanovic,Sanela Crnovrsanin
23 Април 2021•Ажурирај: 24 Април 2021
БЕЛГРАД (АА) - Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, изјави дека е време да се постигнат успешни резултати во дијалогот меѓу Србија и Косово, јавува Агенција Анадолија (АА).
Мас, кој ја посети Србија по Косово, беше примен од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како дел од неговите средби во Белград.
Мас говореше на заедничката прес-конференција одржана по состанокот.
Изјавувајќи дека е воспоставена стабилна влада и во Србија и во Косово, Мас рече: „Време е да се продолжи со прекинатиот дијалог меѓу двете земји и да се постигнат успешни резултати.“
Нагласи дека Германија има доверба во Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот Србија - Косово, кој е медијатор на дијалогот, и додаде дека неговата земја е свесна дека дијалогот не е лесен процес.
Мас на прес-конференцијата се осврна и на прашањето за членството на Србија во ЕУ.
Истакнувајќи дека Владата треба да вложи повеќе напори за владеење на правото и борбате против корупцијата, Мас рече дека Германија ќе придонесе за забрзување на процесот на пристапување.
Мас наведе дека ЕУ ќе испрати 651.000 дози вакцини против Ковид-19 во земјите од Западен Балкан и дека ова ќе биде пресвртница во заедничката борба против епидемијата.
- Вучиќ: „Ние мора да градиме мир со албанскиот народ“ -
Претседателот Вучиќ, посочувајќи дека Германија го поддржува процесот на дијалог исто како и Србија, рече дека неговата земја е подготвена да го продолжи дијалогот.
Истакнувајќи дека Србија ќе заземе конструктивен став во процесот на дијалогот, Вучиќ рече: „Србија сака да најде решение преку компромис. Замрзнувањето на конфликтот не е решение, ние мора да градиме мир со албанскиот народ.“
Потсети дека неговата земја испрати приближно 120.000 дози вакцини во соседните земји од почетокот на епидемијата, и дека 65.000 граѓани од соседните земји исто така се вакцинирани во Србија.
Наведувајќи дека вакцинацијата продолжува, Вучиќ истакна дека ниту една земја не може сама да се бори против епидемијата.