САРАЕВО (AA) - Лејла Биоградлија - Гази Хусрев-беговата библиотека во Сараево, најстарата институција на просторите на западна Европа и на Балканот, која континуирано работи од основањето во 1537 година, поседува ракописи кои потекнуваат од различни краеви на исламскиот свет, пишува Anadolu Agency (AA).
Најстариот ракопис во библиотеката е четвртиот том од познатото теолошко-мистично дело „Ихја улумид-дин“, односно „Енциклопедија на исламот“ од Ебу Хамид Мухамед ел-Газали. Делото е препишано во 1105. година, пет години пред смртта на авторот. Овој ракопис е околу 85 години постар од Повелбата на Кулин бан.
Гази Хусрев-беговата библиотека овие денови ќе одбележи значаен јубилеј, 480 години од своето постоење. По тој повод новинарот на АА во разговор со директорот на Гази Хусрев-беговата библиотека, Осман Лавиќ, кој говори за ракописите што ги чува библиотеката, како и за значењето на оваа институција.
Лавиќ вели дека Гази Хусрев-беговата библиотека во својот фонд чува 10.500 ракописи на арапски, турски и персиски јазик, што водат потекло од различни места и градови од исламскиот свет, како и од подрачјата на Босна и Херцеговина.
- Ракопис од 1105. година -
„Голем дел од ракописите потекнуваат од различни делови на исламскиот свет, како што се Мека, Медина, Истанбул, Багдад, Дамаск и други центри. На различни начини дошле во нашата библиотека. Најстар ракопис кој го има библиотеката е познатиот ,Ихја улуми-дин', од исламскиот филозоф Газали коj е препишан 1105. година, пет години пред смртта на Газали. Тоа е најстар препис на овој ракопис во светот. Овие денови настојуваме да создадеме негово репринт издание. Овде имаме и неколку ракописи од 12. век, голем број на ракописи од 13. и 14. век. Тие ракописи се препишувани во различни делови на светот, голем дел од нив се создадени овде на нашите простори“, кажа Лавиќ.
Тој истакна дека и тематската содржина на ракописите е различна, односно, дека освен ракописите кои ги третираат исламските науки, има и голем број ракописи од областа на природните науки, математиката, алгебрата, геометријата, астрономијата и други области.
Лавиќ додаде дека, според истражувањата, само пет проценти од ракописите се сочувани од пропаѓање на различни начини, од пожари, поплави, војни, грабежи или на некој друг начин.
- Професор од Фрањевачката богословија ја спаси библиотеката од пожар -
„Еден податок од Втората светска војна, поточно од 1941 година, кога библиотеката била во харемот на Царевата џамија. Тогаш Сараево било бомбардирано и граната паднала на покривот од библиотеката. Постоеше реална опасност библиотеката целосно да изгори. Зад библиотеката се наоѓала Фрањевачка богословија. Еден од професорите, Богољуб Перван, го видел пожарот и ја повикал градската управа да го изгасне. Со оглед на тоа што било војна, тогашната градска управа одговорила дека само власта може да повика пожарникари и на тој начин да се започне процедурата. Кога тоа не успеало, тој истрчал во градската управа и се претставил како градски функционер и наредил на пожарникарската бригада да го изгасне пожарот. Така што на негова иницијатива пожарот бил изгаснат“, раскажа Лавиќ.
Потсетува дека Гази Хусрев-беговата библиотека одбележува значаен јубилеј, односно 480 години од своето постоење, кога сараевскиот кадија на 8. јануари 1537 година ја заверил вакуфнамата (правен документ) на Гази Хусрев бег, кој вложил 400 илјади дирхеми за да се изгради медресата (исламско училиште), а со остатокот од парите да се купат вредни книги. Во однос на посетеноста на библиотеката, Лавиќ вели дека со релоцирање на библиотеката во новата зграда повеќе е откриена на јавноста.
Досега каталошки се обработени 10.190 ракописи од Гази Хусрев-беговата библиотека, во осумнаесет томови на Каталогот. Сите ракописи на Гази Хусрев-беговата библиотека се снимени на микрофилм.
news_share_descriptionsubscription_contact
