Zylfije Adem Jakupi
15 Август 2021•Ажурирај: 17 Август 2021
ПРИШТИНА
Претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу, соопшти дека Косово го прифатило барањето на САД да им даде привремено засолниште на авганистанските цивили додека не се заврши процедурата за нивно заминување во САД, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претседателката на Косово на социјалните мрежи наведе дека на 16 јули, неколку дена по Светскиот ден на бегалците, била контактирана од американскиот амбасадор во Косово, Филип Коснет, кој го проследил барањето на американскиот претседател Џо Бајден и државниот секретар Блинкен за привремено сместување на Авганистанците.
Претседателката појасни дека станува збор за авганистански цивили и нивните семејства, вклучувајќи ги и децата, кои биле цел на талибанците бидејќи биле локални работници кои работеле заедно со американските сили.
„Без никакво колебање и условување дадов согласност за таква хуманитарна операција, повикувајќи се првенствено од човечкиот принцип дека вратата не е затворена за оние кои без сопствена волја се присилени да ги напуштат своите домови за да го избегнат прогонот и да ги спасат животите; како второ, бидејќи како член на заедницата на слободни држави, Косово го почитува меѓународното право и својата обврска да не ја затвори вратата за бегалците, и како трето, бидејќи мораме да застанеме покрај нашите пријатели, особено покрај САД, како што тие застанаа покрај нас и во добро и во зло“, напиша на Фејсбук Вјоса Османи-Садриу.
Претседателката на Косово додаде дека граѓаните на Авганистан мора да ја завршат целокупната безбедносна процедура на САД, бидејќи привремено ќе останат на Косово се додека не им се приспособи имиграциската виза за САД, каде што потоа ќе заминат.