Andelija Stojkovic
08 Јуни 2023•Ажурирај: 08 Јуни 2023
БЕЛГРАД (АА) - Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, синоќа изјави дека во секој момент е подготвена да поднесе оставка и дека смета оти предвремените избори се излез од кризата, додека претседателот Александар Вучиќ изјави оти е јасно дека ќе се одржат предвремени избори, само прашање е месецот кога ќе се случи тоа, јавува Анадолу.
„Сметајте на мојата оставка, ја имате на маса“, рече Брнабиќ и додаде дека претседателот треба да одлучи.
Вучиќ рече дека ќе продолжи да ги чека опозициските претставници да дојдат на разговор, но оти му е јасно дека тие сакаат некои други нешта.
„Ние ќе очекуваме на разговорите да се појават некои што ќе покажат минимум одговорност и верувам дека сепак ќе пронајдеме соговорници, доколку не одиме на избори“, рече Вучиќ на заедничката конференција за медиумите со премиерката Брнабиќ во Белград.
Тој додаде дека е подготвен да разговара за распишување на уште некои градски и општински избори.
Брнабиќ изјави дека изборите се единствен начин како се доаѓа на власт во демократски општества, додека Вучиќ порача дека ќе нема преодна влада.
Вучиќ истакна дека би сакал на избори да не се оди наскоро и тоа поради Косово и најави дека од следната недела ќе почне да прима на разговор луѓе од различни структури.
Српскиот претседател се осврна и на протестите и рече дека ги разбира луѓето што излегле на улица на протест, но дека има презир кон политичарите што не ги интересира борбата против насилството, туку „злоупотреба на трагедијата што ја погоди Србија“.
Вучиќ изрази и благодарност до Србите на Косово што на мирен и достоинствен начин се борат за своите права, најавувајќи дека со претставниците на Српска листа ќе разговара од петок до недела.

- Брнабиќ: Предадени 62.801 парче оружје -
Премиерката на Србија, Брнабиќ, на конференцијата за новинарите зборуваше за мерките што Владата ги презема по двете масовни убиства, во Основното училиште „Владимир Бибникар“ и во околината на Младеновац, при што информираше дека на училиштата им се доделени уште 1.200 полицајци. Таа рече дека е подготвен нацрт-закон со кој се предвидува мораториум за носење огнено оружје во период од две години и дека се подготвени измени на Кривичниот закон.
Брнабиќ рече дека Министерството за внатрешни работи на 5 мај почнало ревизија на дозволите за поседување оружје, дека е извршена контрола на 5.500 сопственици на оружје и поднесени се 116 барања за поведување прекршочна постапка поради несовесно чување оружје.
Таа додаде дека е спроведена контрола на 46 стрелишта и дека се наредени 76 мерки, при што е утврдено дека две стрелишта не ги исполнуваат условите за чување оружје. Брнабиќ информираше дека се предадени 62.801 парче оружје, околу 22.000 минско експлозивни средства и повеќе од 2,8 милиони парчиња муниција.
„Ќе се разгледа одлуката за продолжување на предавањето на оружјето до крајот на јуни“, најави премиерката на Србија.
- Вучиќ: Зголемување на платите и пензиите -
Претседателот на Србија најави зголемување на платите во просветата за 5,5 % од 1 септември и уште 10 % од 1 јануари, како и дека толкаво зголемување ќе имаат и медицинските сестри, а верува дека за останатиот дел од јавниот сектор државата ќе има сила да ги зголеми платите за вкупно 11 %.
Вучиќ информираше и дека пензиите ќе бидат зголемени за 5,5 % од 1 октомври и уште 14,6 % од 1 јануари и најави дека на мајките ќе им додели по 10.000 динари (околу 85 евра) по дете за деца на возраст до 16 години.