Vesna Besiç
08 Јуни 2019•Ажурирај: 09 Јуни 2019
САРАЕВО (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска телефонски разговараше со германската канцеларка Ангела Меркел за билатералните односи и состојбата во регионот, пред сѐ за застојот во дијалогот на Белград и Приштина, пренесува Anadolu Agency (AA).
Вучиќ, во разговорот истакна дека Србија во потполност е посветена на дијалогот, кој се води со посредство на Европската Унија, со намера за постигнување компромисно и двострано прифатливо решение кое ќе обезбеди стабилност во регионот, заблагодарувајќи ѝ се на канцеларката Меркел и претседателот Макрон за иницијативата со состанокот во Берлин, односно Париз, да го поддржат тој процес.
Тој, меѓутоа, предупреди дека за надминување на застојот во дијалогот е неопходно Приштина да ги укине таксите на стоката произведена во централна Србија и уште еднаш ја замоли Меркел да помогне да се продолжи слободниот проток на стоката и трговијата.
„Вучиќ нагласи дека Србија ќе остане приврзана на својата политика на мир и соработка на Западниот Балкан, заблагодарувајќи ѝ се на Меркел што со иницирањето на Берлинскиот процес значајно придонела на стабилноста на нашиот регион“, се соопштува од Кабинетот на претседателот на Србија.
Вучиќ, во врска со тоа, ја замоли Меркел да го поддржи формирањето на региноналната економска зона, бидејќи таа би била клучна за привлекување на инвестициите и економскиот развој на Западниот Балкан.
Двајцата соговорници изразија задоволство од високото ниво на политички дијалог и економска соработка помеѓу Србија и Германија, посочувајќи дека германските компании кои работат во Србија вработуваат околу 60.000 работници. Тој изрази надеж дека дури и големите компании од Германија ќе изберат да користат добро деловно опкружување и да ги отворат своите погони во Србија.
Вучиќ ја повика Меркел повторно да ја посети Србија.