Talha Öztürk,Sanela Crnovrsanin,Lejla Bıogradlıja
28 Април 2017•Ажурирај: 29 Април 2017
БЕЛГРАД (АА) - За синоќешните настани во Собранието на Македонија коишто траеја цела ноќ, при што беа повредени поголем број лица, меѓу кои и неколкумина пратеници, реагираше и соседот Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, поради настаните во македонското собрание, за денес свика итна седница на Бирото за координација на службите за безбедност. Премиерот Вучиќ, кој зборуваше за српската официјалната информативна агенција ТАНЈУГ, упати повик за смирување на настаните во Македонија и изјави дека настаните што се случиле не ја засегаат само Македонија, туку сите држави од регионот.
Вучиќ ја истакнал својата загриженост поради синоќешните настани. „Мојата порака до народот во Македонија е сите проблеми и недоразбирања да се решат на мирен начин”, изјави Вучиќ.
Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, истакна дека е потребно колку што е можно поскоро решавање на сите постоечки проблеми, за да може да се обезбеди мир и стабилност за следните генерации, и додаде дека Србија засекогаш ќе остане искрен и верен пријател на народот на Македонија.
Со 62 гласа „за“, во хаотична атмосфера во Собранието, парламентарното мнозинство го избра пратеникот од ДУИ, Талат Џафери за претседател на Собранието.
Потоа следуваа инциденти пред Собранието и внатре во Собранието, кога насилно во Собранието влегоа дел од собраните граѓани кои протестираа пред зградата на Собранието.
Министерство за внатрешни работи информираше дека безбедносната состојба во централното градско подрачје, околу и во собранието е нормализирана со воспоставување на нарушениот јавен ред и мир. Според соопштението на МВР, во вечерашните инциденти пред и во Собранието, повредени се 70 граѓани, 22 полициски службеници и тројца пратеници.