Alma Çekovic
06 Мај 2018•Ажурирај: 06 Мај 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Трговската размена меѓу Србија и Турција во последните десет години е зголемена за деветпати и сигурен сум дека е можно дополнително уште трократно да ја зголемиме, изјави денес во Истанбул српскиот претседател Александар Вучиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Вучиќ на обраќањето на стопанствениците на Бизнис форумот помеѓу Србија и Турција во Истанбул рече дека сé повеќе српски туристи доаѓаат во Турција, но исто така и турски туристи кои доаѓаат во Србија.
„Ние за вас веројатно сме мала земја, но Турците станаа туристи број еден во Србија. Денес во Србија имаме најмногу туристи од Турција и сакаме да ги има и уште повеќе. Ова можеби некому некогаш му било разбирливо кога станува збор за Босна и Херцеговина и Албанија, но Србија денес има најголем број на туристи од Турција. Многу луѓе во Белград се прашуваа како е тоа можно, а потоа установивме дека во Белград има најголем број на туристи од Турција, не само во другите делови на Србија. Тие ги посетуваат и културно-историските споменици и знаат какви се нашите културни и историски врски. Тие сакаат и да научат нешто ново, сакаат да го поминуваат времето во Белград и се надеваме дека ќе сакаат уште повеќе да вложуваат во Белград и во Србија“, рече Вучиќ.
Српскиот претседател се заблагодари на својот турски колега, Реџеп Таип Ердоган што, како што рече, ја охрабрил турската банка Халкбанк да дојде во Србија, бидејќи без доаѓање на турска банка нема со толкава брзина да се развива ни турскиот бизнис во Србија".
Вучиќ истакна дека сакаат да ги охрабрат сите турски инвеститори да продолжат да инвестираат во Србија и им се заблагодари на турските министри за нивната голема поддршка.
Говорејќи за трговската размена меѓу двете земји, Вучиќ изнесе податок дека таа во поседните десет години е деветпати зголемена.
„Нашата трговска размена во последните десет години ја зголемивме за деветпати. Пред само десет години, трговската размена меѓу Србија и Турција беше деветпати помала. Од потпишувањето на Договорот за слободна трговија за 4,1 пати ја зголемивме нашата трговска размена, а денес поставивме многу амбициозна задача пред нас - оваа трговска размена да ја зголемиме уште за трипати. Јас сум сигурен дека тоа е можно, бидејќи во Србија постои посебна почит за Турција и за претседателот Ердоган. Ова не го говорам бидејќи ни е потребно нешто, бидејќи пријателството и почитта што ја добивме од турска страна ги цениме повеќе од било што друго“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека турскиот народ во Србија е добредојден и порача да се чувствуваат како во своја куќа.
„Ние ќе ве пречекаме како пријатели, и секоја компанија која доаѓа од Турција ќе има отворена врата и кај мене како претседател и кај претседателката на владата и сите наши министри“, изјави Вучиќ.
Тој им се заблагодари на турските државјани со потекло од Балканот за инвестициите.
Во име на српските бизнисмени тој го замоли турскиот претседател да им дозволи со своите производи да влезат во турскиот трговски синџир, додавајќи дека Србија е подготвена тоа да го стори и за турските компании.
„Сè што мислите дека уште повеќе можеме да направиме, и да ја поправиме позицијата на турските компании, ние сме подготвени да го сториме. На турските инвеститори им порачувам, кои и да ви понуди, било каде на Балканот или Југоисточна Европа, услови кои мислите дека се подобри од оние кои ќе ги добиете во Србија, јавете ни се, јас ви гарантирам дека за најмалку пет отсто ќе понудиме подобри услови од било кој друг. Сакаме ваше најголемо присуство во Србија, сакаме уште поголемо доаѓање на Турците“, порача Вучиќ.