Bojan Bednar
24 Ноември 2021•Ажурирај: 25 Ноември 2021
БЕЛГРАД - Српскиот претседател, Александар Вучиќ, изјави дека Србија вложува многу во својата војска „затоа што може“ и затоа што српската економија е „посилна“, но смета дека на сите им е јасно дека Србија, доколку не би го правела тоа, би била „лесен плен и залак“, на сите кои на Србија не ѝ посакуваат добро, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вучиќ на прес-конференција рече дека разговорот со специјалниот претставник на Европската Унија (ЕУ) за дијалог на Белград и Приштина и Западен Балкан, одржан во вторникот, бил коректен и нормален, и нагласи дека Белград сака да разговара со Приштина „не затоа што е фасциниран од политиката“ на косовскиот премиер Албин Курти, туку поради тоа што смета дека разговорот со такви луѓе мора да донесе некакви резултати „бидејќи е подобро да разговарате отколку да не разговарате“.
- Разговори со Приштина што порано -
Тој наведе дека за разговорот со Лајчак не би зборувал јавно, иако разговарале за многу детали и за безброј прашања, како што е проблемот со исчезнатите лица и Заедницата на српските општини и дека нема договор со Лајчак да говори за работи кои не се договорени.
Вучиќ рече дека Србија бара разговори со Приштина на сите нивоа, „што порано, што повеќе и што почесто“ и смета дека секој разговор е „благороден и лековит“, дека е важно да се разговара за Заедницата на српските општини и за енергетиката и дека е потребно да се создаде „барем минимална доверба“ помеѓу Белград и Приштина.
Тој истакна дека Србија не сака да ја прифати тезата дека е одговорна што тие разговори ги нема.
Рече дека и на сите шефови на држави и влади ќе им упати писмо во кое ќе бара да му одговорат како е можно Курти, одвреме-навреме, но на многу јасен и недвосмислен начин да зборува за сопствената желба за соединување на Косово и Албанија и дека ниедна политичка институција во Европа не реагирала.
Српскиот претседател наведе дека во писмото ќе праша дали тоа отсуство на реакција значи „дека така ќе молчат доколку кој било оттука“, мислејќи на Србија, „зборува за соединување со кој било друг“.
- Долг разговор со Додик -
На прашањето за состанокот со српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), Милорад Додик, одржан во вчера, Вучиќ рече дека секогаш се труди да не се меша во внатрешните работи на другите држави, дека имал долг разговор со Додик, дека го сослушал, дека имале „вообичаени консултации околу различни економски и политички прашања“.
Тој нагласи дека е важно во БиХ „да се намалат тензиите и да бидат неспоредливо ниски“ и дека мисли дека на тој став ќе истрајува и Додик.
Вучиќ рече дека за ситуацијата во целиот регион секако ќе разговара со претседателот на Русија, Владимир Путин, во текот на претстојната посета на Москва.