Zülfiya Yakup
15 Ноември 2019•Ажурирај: 15 Ноември 2019
ПРИШТИНА (АА) - Во дваесетте повоени години на Косово во сообраќајните несреќи животите ги загубија 2.523 лица, а просечно годишно се случуваат 122 сообраќајќи со фатален исход, се вели денеска на одбележувањето на Меѓународниот ден без жртви во сообраќајот, јавува Агенцијата Анадолија (АА).
На тркалезната маса, која заеднички ја организираа Полицијата на Косово, Косовското осигурувачко здружение и Министерството за инфраструктура на Косово, директорот на Одделението за патен сообраќај на Полицијата на Косово, потполковникот Јетон Реџепи, изјави дека е потребно подигнување на свеста на сите актери низ постепено менување на однесувањето во патниот сообраќај за да се обезбеди поголем ред и безбедност.
Реџепи нагласи дека оваа година дошло до благо намалување на бројот на несреќи со смртни исходи.
Тој наведе дека во 2018 година во несреќите загинале 107 лица, додека оваа година досега загинале 97 лица.
„Просечно годишно во Косово се случуваат 122 случаи со смртен исход, додека годишно во просек животот го губат 142 лица. Таа бројка од 2011 или 2010 година е во благ пад. Од 176 жртви во 2009 година, во 2018 година имаме 129, а оваа година се надеваме дека бројката ќе биде уште пониска, бидејќи до денеска, кога известуваме, имаме пад на бројот на загинати лица. Нашата цел е да се спасат тие животи“, изјави Реџепи.
Според неговите зборови, главната причина за фаталните несреќи се несигурното возење и недржењето дистанца.
Од Советот за безбедност во сообраќајот на Министерството за инфраструктура, Фејзула Мустафа изјави дека сообраќајните несреќи не се проблем само на Косово, туку и во целиот свет, бидејќи според статистиката, во светот околу 1,3 милион луѓе умираат во текот на една година.
Главниот извршен директор на косовското осигурување, Сами Мазреку, рече дека штетите за осигурителните компании се зголемиле за 5 отсто во текот на оваа година во однос на минатата. Според неговите зборови, осигурителните компании само во првите шест месеци во 2019 година платиле околу 22 милиони евра отштета.
Според податоците објавени на оваа тркалеза маза, трите најбезбедни земји во патниот сообраќај се Норвешка, Шведска и Швајцарија, додека најмногу несреќи со смртни исходи се случуваат во земјите во кои приходите се средни, а во нив спаѓа и Косово.