Балкан

„Офицерскиот чин ќе треба да го носите со достоинство на армија на земја членка на НАТО“

Претседателот Пендаровски рече дека со членството на НАТО, Северна Македонија и формално ќе стане сојузник со три од петте директни соседи, а тоа ќе придонесе за безбедноста и стабилноста на регионот

Husamedin Gina  | 15.11.2019 - Обновена : 18.11.2019
„Офицерскиот чин ќе треба да го носите со достоинство на армија на земја членка на НАТО“ (Foto: Husamedin Gina/ Anadolu Agency)

СКОПЈЕ (АА) – Во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, Скопје, денеска се реализираше воена свеченост по повод промоцијата во офицерски чин на 19. класа и заклетвата на 23. класа питомци на Воената академија, на која присуствуваше претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант, Стево Пендаровски, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во своето обраќање на свеченоста, Пендаровски истакна дека со вложувањето во квалитетно воено образование, Северна Македонија инвестира во солиден армиски кадар и НАТО-армија подготвена да одговори на задачите и обврските.

Додавајќи дека новите офицери имаат голема одговорност кон Армијата и татковината, врховниот командант на Вооружените сили, Пендаровски, нагласи:

„Да се има офицерски чин е голема чест. Но уште поголема е одговорноста кон Армијата и татковината. Оваа ваша одговорност ќе треба да ја носите со достоинство како што ѝ прилега на армија на земја членка на НАТО. Како ваш врховен командант, од вас очекувам да внесете нова енергија и нови знаења во структурите на Армијата.“

Пендаровски рече дека како идна членка на НАТО, Северна Македонија ја презема обврската да придонесува во овој колективен систем за безбедност и посочи дека со членството на НАТО, Северна Македонија и формално ќе стане сојузник со три од петте директни соседи, а тоа ќе придонесе за безбедноста и стабилноста на регионот.

На денешната свеченост во офицерски чин беа промовирани 42 питомци од 19. класа на Академијата, од кои 30 од Република Северна Македонија и 12 од Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.

Воедно, на свеченоста заклетва дадоа и 28 питомци од 23. класа на Академијата.

На свеченоста, исто така беа наградени и најдобрите питомци.

Покрај претседателот Пендаровски, на свеченоста присуствуваа началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, заменик-министерот за одбрана, Беким Максути, високи претставници од воениот и дипломатскиот кор од Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, семејства и роднини на питомците, како и други гости.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.