Bojana Stojanovic
20 Април 2020•Ажурирај: 20 Април 2020
БЕЛГРАД (АА) - Почнувајќи од утре, 21 април, забраната за движење во Србија би требало да се скрати за еден час и да важи од 18 часот, граѓаните постари од 65 години ќе можат да излезат на прошетка три пати неделно, а со работа треба да започнат и занаетчиските работилници, како и сервисните работилници, јавува Агенција Анадолија (AA).
По најдолгата забрана за движење во земјата што стапи на сила во петокот, 17 април, во 17 часот, а завршува утре во 5 часот, според најавите на српскиот претседател Александар Вучиќ, ќе почне постепено попуштање на мерките воведени за време на вонредната состојба, што во земјата е на сила од 15 март.
Наместо до 17 часот, од утре забраната за движење треба да биде пократка за еден час, односно треба да започне во 18 часот.
Исто така, на граѓаните постари од 65 години на кои целосно им беше забрането движење, освен еднаш неделно одење во продавница, ќе им биде дозволено да се движат по 30 минути три пати неделно.
Тие ќе можат да шетаат во периодот на забраната за движење за останатите граѓани, односно од 18 часот попладне до 1 часот по полноќ во вторник, петок и недела, а постои можност да им се овозможи да излегуваат секојдневно од 27 април доколку се подобри ситуацијата со епидемијата на коронавирусот.
Вучиќ ги повика и градежните работници да започнат со работа од утре, но со почитување на пропишаните мерки за дистанцирање.
Од 27 април се очекува да започнат со работа и козметичките и фризерските салони, но и теретаните, со соодветно почитување на заштитните мерки.
Меѓу најавите е и можно отворање на кафулињата и рестораните, како и хотелите, трговските центри, меѓуградскиот и аеродромскиот сообраќај помеѓу 4 и 11 мај.
Сепак, сите овие ублажени мерки може да бидат повлечени доколку во земјата се влоши состојбата со коронавирусот.
Според податоците вчера во 15 часот, во Србија досега од коронавиусот починале 122 лица, регистрирани се вкупно 6.318 заразени лица, а 753 лица се излекувале од вирусот.