Betül Yürük
20 Април 2020•Ажурирај: 21 Април 2020
ЊУЈОРК (АА) - Во повеќе сојузни американски држави се одржаа граѓански протести на кои се бараше укинување на мерките што тамошните власти ги воведоа во екот на борбата против ширењето на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Протестите се одржаа и покрај наредбите граѓаните да останат во своите домови, а првите собири беа одржани во Тексас, а потоа и во повеќе сојузни држави, вклучувајќи ги Вашингтон, Колорадо, Монтана и Аризона.
Во текот на протестите најголем дел од демонстрантите не носеа заштитни маски и не ја почитуваа мерката за задолжителна социјална дистанца.
Протестите се одржаа претежно во државите во кои американскиот претседател, Доналд Трамп, ужива поддршка од мнозинството граѓани.
Во Соединетите Американски Држави (САД) се водат жестоки расправи за тоа кога би можеле да се ублажат рестриктивните мерки воведени во екот на пандемијата на Ковид-19, а администрацијата на Трамп сака што поскоро да стави крај на ограничувањата и да го обнови економскиот живот во земјата.
Трамп бара од гувернерите на сојузните држави постепено укинување на рестриктивните мерки, а неговата поддршка на демонстрантите преку порака на Твитер привлече голем број критики во американската јавност.
САД се најтешко погодената земја со пандемијата на Ковид-19 во светот. Со коронавирусот се заразени вкупно над 759.000 Американци, а починаа над 41.000.